Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 3 септември, во просториите на Уметничката галерија „Амам“, беше отворена четвртата самостојна Изложба на уметнички слики од Тања Трајкова, насловена „Имагинација“. Настанот, кој се совпадна и со роденденот на самата авторка, доби дополнителна симболика и емоционална тежина, претворајќи се во уметничка прослава на животот, креативноста и визијата.
На отворањето присуствуваа во голем број љубители на уметноста, колеги, претставници на институциите, но и многу граѓани на Гевгелија кои со љубопитност го проследија овој настан- имаа можност да погледнат дела инспирирани од природата, животните, апстрактни форми, па дури и глобални теми, сите поврзани со личниот внатрешен свет на авторката. Меѓу нив се почувствува вистинска гордост што локален уметник со искрен и автентичен глас станува дел од пошироката културна сцена на градот.
Изложбата ја отворија директорот на НУ Музеј- Гевгелија, Саша Јованов, за делата курираше м-р по уметности, Александар Јанев, а сопствено обраќање имаше и авторката Трајкова. Поставката претставува силна визуелна нарација која ги истражува границите на имагинацијата преку различни уметнички медиуми, техники и материјали. Она што ја издвојува Трајкова од многумина е нејзиниот неконвенционален пристап- наместо класични четки, често користи предмети од секојдневието: природни материјали, шаблони, чешли и цветови. Овој метод ѝ овозможува да изгради единствен визуелен јазик преку кој ја изразува слободата, спонтаноста и длабоката емотивност.
Делата ја одразуваат длабоката врска меѓу човекот и природата, претставувајќи ги животните како симболи на еволуцијата, убавината и емоционалната резонанца. Секоја слика е прозорец кон универзум во кој боите и формите се во постојан дијалог, создавајќи атмосфера што ја надминува физичката стварност. Позадините пулсираат со енергија, а текстурите што ги користи авторката ѝ даваат на Изложбата една скоро тактилна димензија.
Изложбата е поддржана од Општина Гевгелија, а Тања Трајкова ја организираше во соработка со НУ Музеј- Гевгелија. Нејзините дела се силен потсетник дека уметноста е живо ткаење од емоции, идеи и лични доживувања кои добиваат нов живот пред очите на публиката. Тие се искрена покана за размислување, инспирација и повторно откривање на врската меѓу човекот, природата и имагинацијата, оставајќи траен впечаток во културната меморија на Гевгелија.













