На 11 април 2025 година, Гевгелија свечено и импозантно го одбележа прогласувањето на градот за културна метропола и официјалното отворање на манифестацијата од национален интерес „Гевгелија град на културата 2025“. Голем број граѓани, културни работници и гости присуствуваа на свеченото отворање на манифестацијата, на отворената сцена на Стариот градски пазар. Меѓу гостите беа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков; амбасадорот на Република Туркије, Н.Е господин Фатих Улусој; шефот на економската канцеларија при амбасадата на Република Грција, господин Дукас Маринопулос; директорот на Националниот џез оркестар, господин Гоце Стевковски, како и домаќинот – градоначалникот на Општина Гевгелија, господин Андон Сарамандов. Свеченото отворање на манифестацијата „Гевгелија-град на културата 2025“ започна со интонирањето на македонската химна, како и со едноминутен молк за настраданите во катастрофалниот пожар во Кочани.
Веднаш потоа, присутните ги поздрави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој меѓу другото истакна:
– Оваа манифестација не е само признание, туку и можност да се поддржи локалната културна сцена, да се привлече нова публика, да се развие нова соработка и да се постави Гевгелија на мапата како културен центар кој зрачи со енергија и оригиналност. Тоа е покана – за нова уметност, за свежи идеи, за младинска енергија и за културен туризам што ќе го слави топлиот и автентичен дух на Гевгелија. Овде уметноста е таа што нѐ поврзува, туризмот ни го отвора градот кон светот, а младите, пак, се нашата иднина. Затоа градот што многумина го нарекуваат и „порта кон Европа“, со својот потенцијал е и културна и туристичка порта кон нови можности. Затоа, да ја отвориме вратата за уметниците, да создадеме нови културни мостови, да го претвориме туризмот во доживување кое ќе раскажува приказни – преку музика, слики, зборови и движење- рече Љутков.
Тој додаде дека Гевгелија е важен туристички центар кој културата ја вградува во туризмот, а туризмот во културата на градот. Затоа, како што рече Љутков, Министерството за култура и туризам оваа година става посебен акцент не само на културното творештво, туку и на развојот на транзитниот и винскиот туризам, како клучни сегменти на локалниот туристички идентитет. Гевгелија, со својата стратешка позиција, може и мора да биде прва станица за сите што влегуваат во нашата земја – и прва можност да се почувствува нашата културна посебност преку гастрономијата, уметноста, виното и гостопримството. Затоа ќе поддржиме програми каде што културата и туризмот може да одат рака под рака – како модерна приказна со длабоки корени. Ќе ги поврземе локалните винарии со културни настани, ќе отвориме нови културно-туристички рути и ќе работиме на тоа транзитните патници да станат туристи, а туристите – амбасадори на нашата култура и културно богатство- рече министерот Зоран Љутков.
Заблагодарувајќи се на укажаната доверба, Гевгелија по вторпат да биде престолнина на културата, градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека Oпштината ќе организира квалитетна и богата програма со голем број културни настани од различни области, заедно со културните институции на локално и државно ниво и во соработка со уметници, професори и културни дејци од општината.
– Во изминатите три години, Гевгелија се продефилира како град со голем број на културни настани и како награда за сработеното, избрани сме за град на културата во 2025 година. Упатувам посебна благодарност за дадената доверба до министерот Зоран Љутков и Министерството за култура и туризам. Благодарност и до сите културни и образовни институции, здруженија на граѓани и културни работници во општина Гевгелија кои дадоа придонес во изготвувањето на програмата која е избрана за одржување на Град на култура.
Овој добиен епитет, потенцираше Сарамандов, не е само чест туку и обврска за проширување на културната сцена, создавање нови можности за уметниците и културните работници, како и заложба Гевгелија да биде уште поатрактивна дестинација на културата, а посредно и на туризмот во 2025 година. Општина
Гевгелија, како и до сега, така и натаму, несебично ќе вложува во културата, особено во младите творци. Како Градоначалник, продолжува мојата заложба за создавање средина каде што културата ќе биде достапна за сите затоа што таа е нашиот идентитет.
Изминатите три години го обновивме Детскиот фестивал „Калинка“, започнавме со организирање на тридневниот фестивал „Вкуси го југот“, кој полека станува бренд на нашиот град, а по втор пат, се одржува Меѓународниот натпревар во модерен танц „Гевгелија Денс“ каде настапуваат над 600 млади од земјава и од странство. Посебно би ја издвоил работата на големиот број културноуметнички друштва од општината кои се нашите најдобри културни репрезенти, рече Сарамандов. Исто така, во изминатиот период, беше извршена реконструкција на 3 младински дома во населените места Богородица, Прдејци и Моин и услови младите да учествуваат во културни настани и одбележување значајни манифестации.
Потоа присутните го проследија Концертот на Националниот џез оркестар, кој под диригентската палка на Џијан Емин, изведе незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. На концертот беа изведени композиции, почнувајќи од македонскиот шлагер „Рандеву“ на Катица Ѓаконовска, па сè до “Ai no Coridа“ нa Квинси Џонс во изведба на вокалните солисти: Андријана Јаневска, Светлана Јовановска, Дејан Бобиќ и Калина Велковска.


























