„Гевгелија град на култура за 2025 година“ уште еднаш ја претвори уметноста во празник на заедништвото и човечката сила, отворајќи ги вратите на Уметничката галерија „Амам“ за магичната изложба „Цветна градина“ на Роза Мојсовска. На 15 ноември 2025 година, просторот се претвори во градина на бои и емоции, каде секое платно дишеше со посебна нежност, а секоја боја носеше приказна за надеж, храброст и нов почеток.
Посетителите, чекорејќи низ мирисот на уметност и тивките вибрации на инспирација, влегоа во свет каде различностите не само што се прифаќаат- туку се слават. Изложбата привлече голем број посетители- љубители на уметноста, претставници на локалната и централната власт, културни работници и членови на Здруженија на лица со попреченост, кои со восхит влегуваа во светот исполнет со боја, симболика и емоции.
Изложбата претставува визуелно патување низ 25 дела, преку кои Мојсовска, сликајќи ги со уста, ја отвора својата „цветна градина“- простор исполнет со светлина, нежност и надеж. Секој цвет на платната е симбол на живот, секоја боја носи трепет на чувство, а секоја композиција говори за човечката сила што успева да процвета и таму каде што другите гледаат ограничувања. Во својот творечки израз, уметницата користи масло и акрил на платно, демонстрирајќи и длабочина и интензитет, реализам и современост, суптилност и прецизност.
Настанот беше организиран од „Абилитис“ и „Зета“, со поддршка од Општина Гевгелија, Националната установа Музеј- Гевгелија и Министерството за култура и туризам. Посетителите присуствуваа на воведни обраќања од Елена Кочоска, претставничка на „Зета“ и кураторска презентација од м-р Александар Каракабаков, кустос-советник и историчар на уметоност, говор на уметницата и тура низ изложбата.
Елена Кочоска од „Зета“ истакна дека попреченоста не треба да биде пречка, туку поттик за создавање нови перспективи и вредности во уметноста и општеството. „Кога ги отвараме вратите за различностите, ја збогатуваме културата со искуства кои инаку би останале невидливи. Роза е жив доказ дека талентот и страста не познаваат граници“, нагласи Кочоска.
Уметничката Мојсовска го изрази своето задоволство што оваа изложба е дел од проект кој ја промовира инклузијата и еднаквите можности, истакнувајќи дека „Под исто платно“ ѝ овозможува не само да ја претстави својата уметност, туку и да испрати порака дека секој човек носи потенцијал кој заслужува да биде виден и слушнат. „Чест ми е што моите дела се дел од иницијатива што гради заедница во која различностите се богатство, а не пречка“, рече Мојсовска. Исто така, изрази благодарност до Општина Гевгелија и Националната установа Музеј- Гевгелија за поддршката во реализацијата на настанот како дел од манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, што е клучна за создавање простор во кој инклузивните уметнички практики можат да се развиваат и да допрат до поширока публика.
Настанот продолжи со неформално дружење, каде реакциите беа едногласни- „Цветна градина“ не е само изложба, туку искуство кое инспирира, охрабрува и остава трага.
Со изложби како „Цветна градина“, Гевгелија го зацврстува својот статус на вистински културен центар за 2025 година. Поддршката од локалната самоуправа, музејот и институциите покажува јасна ориентација кон создавање инклузивна, отворена и динамична културна сцена.
Овој настан е дел од Инклузивниот проект „Под исто платно“, финансиран од Hartefact и реализиран од Abilitist и ZETA. Проектот преку уметнички работилници, менторства и изложби обединува уметници со и без попреченост, создавајќи вистински простор за еднаквост во културниот живот. Со самостојни изложби во Скопје, Тетово и Гевгелија, како и групна презентација на Ability Awards 2025, иницијативата досега има претставено повеќе од шеесет оригинални дела и постигнала значителен одѕив од јавноста.
„Под исто платно“ не е само проект, туку платформа што ги руши стигмите, ја засилува видливоста на уметниците и ги трансформира перцепциите за уметноста и различностите.
Инаку, Роза Мојсовска е единствената уметница во Македонија која создава со четка во уста. Со повеќе од илјада слики зад себе и членство во Меѓународното здружение VDMFK, нејзината приказна одамна престана да биде само лична- таа стана симбол на цврстина, волја и талент што ги руши сите граници. Родена со телесна попреченост, Мојсовска уште на седум години го создава својот прв цвет- дело што ќе го одреди нејзиниот животен пат. Од тој момент, сликарството станува нејзин јазик, слобода и најискрен облик на самоизразување.
Денес, нејзините дела се дел од бројни приватни и институционални колекции, а нејзината трудољубивост и бескрајна посветеност продолжуваат да мотивираат млади уметници и поширока публика да веруваат во сопствените способности.
























