Во исполнетата сала на Народниот театар во Гевгелија, на 17 ноември 2025 година беше одбележан Патрониот празник на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија со свечена културно-уметничка програма што ја пренесе силната порака дека образованието е светлина која ги осветлува вредностите во секој од нас. Училиштето ја претстави инклузивната претстава „Боите на срцето“, која ја освои публиката со искреност, емоција и силни пораки. Замислена како сценско патување низ спектар од бои што симболично ги претставуваат човечките доблести- храброста, нежноста, радоста, истрајноста, љубовта и надежта, претставата им овозможи на учениците преку танц, музика и драмски израз да ја прикажат силата на различностите и убавината што произлегува од нивното меѓусебно спојување.
Бојните секвенци, прецизно вградени во сценската целина, ја отсликаа идејата дека секој ученик носи уникатен придонес. Наместо еднаквост по форма, учениците ја истакнаа вредноста на автентичноста- секој со свој глас, движење и емоција. Преку таа разновидност, сцената доби динамика која ја привлече публиката и ја пренесе суштинската порака дека заедницата е посилна кога ги препознава и поттикнува индивидуалните способности.
Особена вредност на претставата ѝ дадоа учениците- лица со попреченост, кои рамноправно учествуваа во целокупната изведба. Со нивната вклученост, Училиштето испрати моќна порака за инклузијата како практична, а не само формална вредност. Нивните настапи, исполнети со искреност и вложен труд, беа пречекани со бурни овации, потврдувајќи дека сцената е место за сите, без разлика на предизвиците со кои се соочуваат. Дополнителна магија на вечерта донесе и Училишниот хор, кој настапи со изведба на детски песни. Нивните гласови, нежни и искрени, беа претставени како симбол на чистината, единството и радоста што ја носи детството, заокружувајќи ја сценската приказна и додавајќи уште една боја во мозаикот на претставата. Во публиката беа присутни претставници на локалната власт, претставници на институции, сегашни и поранешни професори, родители и ученици соработници, кои со внимание ги следеа настапите и ја поздравуваа секоја изведба, давајќи дополнителна енергија и поддршка на младите изведувачи.
Настанот го отвори директорката на ООУ „Владо Кантаџиев“- Гевгелија, Ружица Икономова. Обраќајќи се со поздравен говор, ја истакна важноста на Училиштето како место каде секое дете е видено и прифатено. Таа ги поздрави постигнувањата на учениците, кои во текот на 2025 година се истакнале со успеси, врачувајќи им признанија. Исто така, им додели благодарници на соработниците кои го поддржале Училиштето во текот на годината.
Особено сум горда што нашето училиште е пример за инклузија во општината и пошироко. Зашто ние веруваме дека различноста не е пречка- туку подарок. Секое дете што учи и расте кај нас го бои Училиштето со својата нијанса. Кога сите тие бои се спојуваат, се добива најубавата слика- слика на разбирање, љубов и заедништво. Затоа, денес нека оваа свеченост не биде само прослава, туку и потсетник- дека успехот не се мери само со награди, туку со секој чекор напред; дека иновативноста не е само технологија, туку и храброст да се мисли поинаку; дека инклузијата не е обврска, туку начин на љубов. На сите што го носат ова училиште во срцето- Ви благодарам! На сите што придонесуваат секој ден да биде подобар од претходниот- Ви се поклонувам! Да продолжиме да учиме, да создаваме и да светиме- заедно. Бидејќи нашето училиште не е само место на знаење, туку место на срцето- заврши Икономова, честитајќи го Патрониот празник.
Наставниците и менторите кои работеа со учениците ја истакнаа посветеноста на Училиштето да создава средина во која секое дете може да се изрази и да напредува. Во текот на вечерта се почувствува силно единство меѓу наставниците, учениците и родителите, кои со гордост ги следеа нивните настапи.
Одбележувањето на Патрониот празник уште еднаш го потврди значењето на Владо Кантарџиев и вредностите што го следат неговото име- истрајност, знаење и грижа за идните генерации. Инклузивната претстава на Училиштето е дел од годишната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, реализирана со поддршка од Општина Гевгелија.



























