Во населеното место Миравци, Општина Гевгелија интензивно спроведува градежни активности со цел подобрување на локалната инфраструктура и создавање поквалитетни услови за живот на граѓаните. Изминатите денови, се реализираа повеќе зафати за бетонирање улици и краци, а со одлична динамика продолжуваат и активностите за изградба на нов, современо уреден парк во рамки на рекреативната зона.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид на повеќе локации каде што се одвиваат градежните зафати и притоа истакна:
– Извршив увид на повеќе локации во населеното место Миравци, каде што во изминатите денови се извршија градежни активности за бетонирање на улици и краци, а истовремено со одлична динамика течат и активностите за изградба на нов парк во рекреативната зона во Миравци. Како резултат на барањата на жителите, продолжуваме со уредување на преостанатите улици, со цел да се обезбеди подобра инфраструктура, поголема пристапност и безбедност за сите. Средбите и директната комуникација со граѓаните уште еднаш ја потврдија важната улога во делот на утврдување на приоритетите во нашето секојдневно живеење.
Овие активности се дел од поширокиот развоен план на Општина Гевгелија за рамномерен развој на сите населени места во општината, со акцент на урбаното уредување, безбедноста и создавањето на здрави услови за живеење.






































