Со пригодна изложба насловена „80 години победа над фашизмот“, Националната установа Музеј – Гевгелија, на 9 мај 2025 година му оддаде почит на овој значаен датум од историјата и се приклучи кон одбележувањето на осум децении од победата над фашизмот. Изложбата беше адаптирана и за посета на лицата со попреченост, во соработка со сите Здруженија на лицата со инвалидитет од општина Гевгелија.
Музејската поставка опфати изложување експонати од историската збирка на НУ Музеј- Гевгелија, што вклучува оригинални парчиња облека, оружје и муниција користени од борците од гевгелиско, како и документарни фотографии од Народноослободителната борба (НОБ). На присутните им се обрати кустосот историчар Тања Трајковска, која ги запозна посетителите со експонатите и историскиот контекст што го опфаќа изложбата.
– На 9 мај 1945 година, завршува Втората светска војна која се карактеризира како најтешка и најзастрашувачка војна. Карактеристична е по оружјето кое е користено, по бројот на цивилни и воени жртви, над 50 милиони, по материјалните штети, холокаустот и употребата на атомските бомби врз двата града во Јапонија, Хирошима и Нагасаки. Македонија ќе ја има истата судбина како и другите европски држави. Но, со кревањето на антифашистичкото востание на 11 октомври 1941, започна четиригодишната борба против германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор. Преку изложените фотографии и парчиња оружје може да се проследи славниот борбен пат на Првиот гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“, чии борци ќе влезат во Првиот баталјон „Страшо Пинџур“, со што ќе имаат голема заслуга во придонесот на разгорување и проширување на НОБ низ повеќе краишта на Македонија- истакна Трајковска.





