На 26 и 27 мај 2025 година, во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025“ и во чест на празникот Спасовден, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија ги отвори вратите за љубителите на традицијата, уметноста и занаетчиството, со одржувањето на уникатниот културен настан „Етно панаѓур“.
Овој дводневен панаѓур не беше само обична изложба, туку жив амбиент што го претвори холот на институцијата во уметничка населба со душа- исполнета со автентични ракотворби, непосредни средби и топла енергија. Во фокусот на настанот, беше изложбата на креативните дела од глина и акварел, изработени од вајар-керамичарот Гордана Николовска Петрова и уметниците Славица Бошковска, Менче Костадинова и Ана Петрова. Нивните рачно моделирани грнчарски садови, украсни предмети и декоративни творби ја воодушевија публиката со својот квалитет, естетика и автентичност. Посетителите не беа само набљудувачи, туку и активни учесници. Имаа можност одблиску да ја следат демонстрацијата на изработка со глина, да се запознаат со алатките и техниките што се користат, па дури и самите да се обидат да создадат нешто со свои раце. На тој начин, се поврзаа со еден стар занает кој успешно одолева на времето и продолжува да инспирира нови генерации.
„Етно панаѓурот“ ја потврди мисијата на Пионерскиот дом како активен носител на културниот живот во градот и место каде што традицијата и современото творештво се спојуваат на природен и инспиративен начин. Интересот и позитивните реакции од посетителите се уште еден доказ дека Гевгелија со право го носи епитетот- град на културата.








