Сцената на Народниот театар во Гевгелија стана место каде што книжевната фантастика преку драма се претвори во реалност за најмалите. Малите актери од Драмската секција при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“, на 4 јуни 2025, успешно се претставија со премиерата на претставата „Витезот Моливко и нешто повеќе“, оставајќи силен впечаток врз присутните со својата искреност, енергија и талент.
Со креативна адаптација инспирирана од повеќе детски лектири, сцената се претвори во волшебен свет каде храброста, другарството и имагинацијата беа главни јунаци. Режисерката Катица Џишева Дупарова, по сценариото на приредувачот Нада Ристова, умешно го насочи потенцијалот на децата, создавајќи едно сценско доживување што ги надмина очекувањата. Музиката на Влатко Сапламаев- делумно оригинална, делумно преработена- се спои со динамичните кореографии подготвени од Танцово студио „Мистик“, создавајќи богат музичко-сценски настап што ѝ даде дополнителен ритам и енергија на претставата. Сценографијата на Катарина Пренда и реквизитите изработени од Гордана Николовска Петрова придонесоа за визуелен впечаток што публиката долго ќе го памети.
Премиерата, во продукција на Пионерскиот дом- Гевгелија, се одржа во рамки на програмата „Гевгелија град на култура 2025“, а за присутните овој настан беше доказ дека детската фантазија кога е поддржана и насочена, може да стане сценска магија. Малите актери станаа вистински витези во театар, носејќи ја публиката низ светот на „Волшебникот од Оз“, „Шеќерна приказна“, „Алиса во земјата на чудата“ и „Црвенкапа“, полн со боја, хумор и емоции.



























