Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија, на 16 декември 2025 година, стана простор каде бојата го презеде зборот. Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, свечено беше отворена самостојната изложба „Хроматско патување“ на гевгеличанката Анита Алабау- уметница со меѓународно искуство, која со оваа изложба направи тивко, но моќно враќање во својот роден град.
Пред бројна и внимателна публика, составена од уметници, културни работници, љубители на уметноста и граѓани од различни генерации, беа претставени дела што не бараат објаснување, туку доживување. „Хроматско патување“ не е класична изложба со јасно дефинирана нарација, туку покана за лично читање- секое платно е отворен простор за емоција, сеќавање и асоцијација. Присутните имаа можност да прошетаат низ апстрактниот свет на Анита Алабау, каде бојата и формата се во постојан дијалог, а емоциите се пренесуваат преку интензивен и експресивен колорит. „Хроматско патување“ ја отсликува личната филозофија на уметницата, инспирирана од природата, реалноста и светот на соништата.
– Апстрактниот израз на Анита Алабау се движи меѓу реалното и имагинарното, меѓу природата и внатрешниот свет. Боите се силни, понекогаш експлозивни, понекогаш тивки и длабоки, но секогаш искрени. Формите се слободни, флуидни и ненаметливи, создавајќи визуелен јазик што комуницира директно со чувствата на набљудувачот. Во тие композиции се чита зрелоста на уметничкиот израз, но и континуираната потреба за истражување и слобода- рече на официјалното прогласување на изложбата за отворена, кустос-советникот во НУ Музеј- Гевгелија и историчар на уметноста, м-р Александар Каракабаков.
На отворањето, пред присутните се обрати и самата Анита Алабау, изразувајќи искрена благодарност за поддршката и за можноста да се претстави пред публиката на домашен терен, токму кога градот го носи епитетот „Град на култура“. Таа истакна дека изложувањето во родниот град за неа има посебно значење, заблагодарувајќи се организаторите, институциите и на публиката за топлиот прием и континуираната поддршка, потенцирајќи дека ваквите средби се силна мотивација за нејзиното понатамошно творештво.
Иако денес живее и работи во Франција, каде што е активен дел од современата уметничка сцена и член на реномирани уметнички здруженија, Анита Алабау во своите дела носи суптилна поврзаност со корените. Токму таа невидлива нишка, што ја поврзува со Гевгелија, беше јасно почувствувана и од публиката. Изложбата доби дополнителна тежина токму поради фактот што станува збор за гевгеличанка која своето име го гради надвор, а својата уметност ја споделува дома.
Настанот помина во атмосфера на тивко восхитување, разговори за уметноста и спонтани размислувања за улогата на културата во современиот град. Галеријата „Амам“ уште еднаш се потврди како жив културен простор, отворен за дијалог меѓу уметникот и заедницата, меѓу локалното и меѓународното.
„Хроматско патување“ е повеќе од изложба- тоа е средба на искуства, чувства и патишта. Средба меѓу уметницата и нејзиниот град, меѓу бојата и тишината, меѓу личното и универзалното. Со вакви културни настани, Гевгелија не само што ја гради својата културна програма, туку ја гради и својата културна меморија.
Изложбата е реализирана во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во соработка со НУ Музеј- Гевгелија, со што уште еднаш се потврдува континуираната заложба на локалните институции за збогатување на културниот живот во градот. Поставката останува отворена за јавноста и во наредниот период, нудејќи им на посетителите можност за сопствено „хроматско патување“.























