Внимателно одбраниот репертоар за Концертот на трио „Долче“, со којшто беа застапени композиции од: Бетовен, Менделсон, Глинка и Таневски, со голем интерес и уживање беше проследен од гевгеличани. На 10 јуни 2025 година, во концертната сала на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, Бранко Павловски на кларинет, Даниел Апостолов на фагот и Дарко Мариновски на пијано го одржаа својот концерт “Pro musica”, во рамки на богатата програма за јуни за манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.
Комбинацијата од различни епохи и стилови, донесена со префинета изведба и изразност, создаде атмосфера на вистинско духовно издигнување. Секој тон, секоја фраза беше извезена со музичка прецизност и емоционална зрелост, а синхронизираноста на триото „Долче“ покажа колку камерната музика може да биде силна и моќна. Концертот не беше само музички настан, туку културна понуда од највисок калибар- дел од богатата јуниска програма што го издигнува културниот идентитет на Гевгелија, оставајќи трага што инспирира и повикува на нови музички средби.
Триото е формирано во 2016 година и своите заеднички музички доживувањ со огромно задоволство ги пренесуваат на својата публика во државава, но и надвор од неа. Тие активно концертираат во многу градови низ нашата држава. Во нивниот изведувачки опус се опфатени композиции од сите стилски епохи. Овој музички состав, во периодот јануари / февруари 2021 год., ја освои Првата награда – LAUREATЕ, на Меѓународниот уметнички фестивал во Италија – Future Stars на фондацијата Sopravista International Festival- Contest, во категоријата Инструментална музика. Во септември 2021 год., е добитник на Втората награда на Меѓународниот музички натпревар во Москва, Русија -International Moscow Music Online Competition. Во декември, на International Online Contest “Prometheus “- Италија, триото ја добива Првата награда (Laureate), во категоријата Инструментална музика.



