Во топлата атмосфера на Балетската сала на ООМУ „Васо Карајанов“, на 6 ноември 2025 година, љубителите на музиката уживаа во прекрасниот концерт „Музичка разгледница“, кој се одржа во рамки на програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и свеченото чествување на Општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија.
Концертот започна со пригоден збор на директорката на училиштето и носител на настанот, Сузана Стефанова, која истакна дека овој есенски концерт претставува уште едно потсетување на значењето на уметноста и музиката во образовниот процес и во културниот живот на градот. Таа нагласи дека настапите на младите таленти се резултат на нивната посветеност, труд и љубов кон музиката, како и на континуираната поддршка од професорите и родителите.
„Со овој концерт, младите уметници ја спојуваат есенската топлина со музичката енергија на младоста, создавајќи вистинска музичка разгледница од Гевгелија,“ рече директорката Стефанова, упатувајќи честитки до учениците и колегите за нивната вклученост во програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и во одбележувањето на Општинскиот празник- 7 Ноември.
На сцената продефилираа 20 ученика, кои со сигурност, емоција и сценски шарм го претставија својот музички напредок. Концертот го отвори Андреа Узунова со делото „Морска вила“ од Л. Шите, по што следуваа Кирил Јованов со „Коло“ од Ј. Врховски и Никола Пандев со „Снежец“ од Н. Д. Храшовец. Настапија и Тома Павловски со „Во земјата на џуџињата“ од А. Роули и Јована Ризова со Пиеса од В. Цилок.
Публиката имаше можност да ужива и во изведбите на Ана Марија Кузмановиќ („Пиеса“ од Ј. Хајдн), Јана Трајков („Гавот“ од Ј. Госек), Павле Тасев („Етида“ од В. Џилок), Мохан Мишра („Валцер“ од Е. Григ) и Кришна Мишра („Топка“ од Д. Штајбелт).
Во продолжение, настапија: Ана Марија Саздова („Пиеса“ од М. Гарлицки), Лазар Мијов („Балада“ Оп. 100 бр. 15 од Ф. Бургмилар), Виктор Марков („Концерт“ Оп. 11 од Ф. Кихлер*), Тодор Андоски („Хабанера“ од Ж. Бизе) и Теодора Шутарова („За Елиза“ од Л. В. Бетовен).
Програмата продолжи со Матеа Тунџева („Тамбурин“ од Л. Обер), Илија Димов („Етида“ Оп. 109 бр. 15 од Ф. Бургмилар) и Флора Апостолова („Рондо“ од свита во h-moll од Ј. С. Бах). Концертот заврши со впечатлива изведба на дуо-пијаното во состав на Вангел Марков и Благоја Стоев, кои ја изведоа композицијата „Трепак“ од П. И. Чајковски, оставајќи силен впечаток кај присутните.
Зад нивните настапи стоеше внимателна подготовка и професионална посветеност на наставниот кадар. Корепетитор на концертот беше професор Соња Јованова, која заедно со професорите Влатко Сампламаев, Александар Лазаров, Душко Лазаров, Соња Панова, Маја Зафирова, Сузана Стефанова и Костадин Издушнов ги подготвија учениците од Класите по пијано, виолина, флејта и кларинет.
Со концертот „Музичка разгледница“, младите музичари од ООМУ „Васо Карајанов“ уште еднаш потврдија дека уметноста е жив дел од духот на градот. Нивната љубов кон музиката, вложениот труд и инспирацијата што ја пренесоа на сцената се вистински израз на културниот пулс на Гевгелија – во духот на одбележувањето на Општинскиот празник и како дел од реализацијата на програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.

























