На 27 септември 2025 година, сцената во Народниот театар- Гевгелија стана место каде се случи нешто многу повеќе од танц. Тоа беше место на собирање, размена на емоции и силни пораки, место каде што танцот ја откри вистинската моќ да ги руши бариерите меѓу луѓето. Претставата „Пат околу светот за 80 минути“ на Студиото за танц „Еурека“ од Скопје, чие гостување беше организирано од Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија, беше вистински доказ дека уметноста може да го обедини светот, дури и кога сите сме различни.
„Пат околу светот за 80 минути“ беше не само инклузивна танцова претстава туку и искрено и емотивно патување што ја открива силата на разликите како нешто што нè поврзува. На сцената продефилираа танчери, меѓу кои и лица со попреченост, кои заедно создадоа незаборавно уметничко искуство. Со секој чекор, тие покажаа дека уметноста не познава бариери. Без разлика на тоа дали беа професионални танчери или луѓе со попреченост, сите тие танцуваа со иста страст и истата цел- да пренесат порака за инклузија, емпатија и разбирање.
Танцот беше израз на емоции, на лични трансформации, на соработка и прифаќање. Преку прекрасната музика, светлосни ефекти и маестрално изведени танцови броеви, публиката беше поттикната да размислува за светот околу себе- и да го види со нови очи. Да ја разбере силата на различностите, но и важноста на секоја култура, секоја средба и секој миг што носи нешто ново и убаво. Музиката беше совршен партнер на танцот. Избраните безвременски евергрини и нови мелодии ја длабочеа емоцијата на претставата и ја создаваа атмосферата која ги поттикнуваше гледачите да се поврзат со уметноста на едно многу личнo ниво.
На крајот, кога беше изведен последниот чекот, публиката не ги задржа своите овации. Беа громогласни, искрени, и долги- за моментот кога сите почувствуваа дека се дел од нешто поголемо од нас самите, нешто што не само што ги руши физичките и социјалните бариери туку создава вистинска заедница. Тие овации беа за инклузијата, за разликите што не нè делат, туку нè обединуваат.
„Пат околу светот за 80 минути“ не беше само културен настан. Тоа беше акција за промовирање на инклузивноста во уметноста и културата, со посебен акцент на тоа дека секој човек има право да биде дел од истото културно искуство, без оглед на неговите способности или потекло. Претставата беше дел од програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, што ја истакнува важноста на културата како средство за социјална вклученост, создавање заедници и рушење на социјалните бариери.
Организацијата на оваа претстава во Гевгелија ја потврдува посветеноста на градот да стане активен учесник во глобалните процеси на културна размена и инклузија, како и да ги истакне културните вредности кои ги обединуваат сите луѓе, независно од нивните различности. Со овој настан, Гевгелија не само што покажа својата посветеност кон културниот развој туку и кон создавање на свет во кој уметноста е средство за поврзување, а не за разединување.
Во една вечер, овој инклузивен танцов спектакл потсети на тоа дека културата е најефикасното средство за обединување, за градење на свет без граници и без предрасуди. Мноубројната публика, која се собра во Гевгелија на 27 септември 2025 година, не само што беше сведок на еден уметнички настан- таа беше дел од историјата на еден град што ги прифаќа различностите и создава простор за сите.



















































