Во прекрасната духовна оаза – манастирот „Вознесение Христово – Свети Спас“ во Гевгелија, на 27 мај 2025 година, се одржа свечен концерт посветен на богатото и инспиративно наследство на духовната музика. Настапија два истакнати вокални ансамбли: Градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија и Камерниот црковен хор „Св. великомаченик Пантелејмон“ од Велес под диригентските палки на м-р Илија Атанасов и проф. Славица Ставрева.
Академијата започна со пригодно и содржајно слово на тема: „Историјата на црковното пеење во Македонија“, кое го одржа архиерејскиот намесник на Гевгелиското архиерејско намесништво, протоереј-ставрофор Љупче Миланов. Во своето излагање, отецот ја нагласи длабоката поврзаност меѓу духовната музика и идентитетот на православниот верник, посочувајќи дека црковното пеење не претставува само уметнички израз, туку жив израз на верата, надежта и љубовта кон Бога- сведоштво за духовната традиција на нашиот народ.
Маестралните настапи на двата хора беа проследени со силен одзив и емоции од страна на присутните- меѓу кои: свештенослужителите од Гевгелиското архиерејско намесништво; градоначалникот на општина Гевгелија, г. Андон Сарамандов;, како и броjни верници од Гевгелија, Валандово, Богданци и околните населени места.
Целовечерниот концерт со изведба на вкупно 7 црковни композиции беше висока културна и духовна точка во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025“, а воедно и дел од годинашното чествување на Спасовден, кој се слави како заштитник на градот Гевгелија и слава на манастирот „Св. Спас“. Настанот ја потврди важноста на духовната музика како мост помеѓу традицијата и современиот живот, и беше светол пример за тоа како културната и верската заедница може заеднички да создава моменти на вистинска духовна возвишеност.


























