Гевгелија, 14 ноември- Во духот на богатата програма „Град на културата за 2025 година“, нашиот град беше домаќин на уште еден исклучителен културен настан кој ја исполни салата на Народниот театар.
Театарската претстава „Ленче кумановче“, позната и под името „Бегалка“ од Васил Иљоски, беше оживеана пред бројната публика, која со внимание и емоции го следеше секој момент од ова добро познато драмско ремек-дело.
Претставата, во изведба на Здружението на граѓани „Куманово“, беше дочекана со топли аплаузи уште на самиот почеток. Аматерскиот ансамбл составен од пензионери- љубители на театарската уметност се претстави со извонредна посветеност и енергија, докажувајќи дека љубовта кон сцената и културата не познава возраст. Нивната изведба внесе свежина и автентичност, пренесувајќи ја силната емоција и духот на времето во кое се одвива дејството на драмата.
На сцената во Гевгелија оживеа вистинската љубовна приказна што го инспирирала Иљоски да го напише делото „Бегалка“- драматична и силна љубов која во дваесеттите години од минатиот век ги надминала тогашните општествени поделби меѓу богатите и сиромашните. Приказната за Ленче и Ѓорѓи повторно докажа дека човечноста, достоинството и правото на сопствен избор се вредности кои траат низ времето.
Публиката беше очигледно трогната од автентичниот кумановски дух, од староградските елементи и од маестралното претставување на карактерите, што ги донесе актерската екипа на ЗГ „Куманово“. По завршувањето на претставата, актерите беа поздравени со долготраен аплауз, како знак на благодарност и почит кон нивниот труд и ентузијазам.
Настанот се реализираше во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Ваквите содржини не само што придонесуваат за зачувување и промоција на македонското културно наследство туку и го поттикнуваат меѓугенерациското поврзување и културната динамика во заедницата.
Гевгелија уште еднаш покажа дека културата е простор кој ги обединува луѓето, потсетувајќи дека македонската драмска традиција сè уште силно живее- на сцената и во срцата на публиката.



































