Во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, на 29 јули 2025 година, во Уметничката галерија „Амам“ свечено беше отворена Изложбата на дела создадени на 61. Меѓународна ликовна колонија 2024 година, која традиционално ја организира Националната установа Центар за култура „Антон Панов“- Струмица. Изложбата беше пренесена во Гевгелија како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со што локалната публика, но и колеги-уметници, имаа можност да се запознаат со квалитетните творби од оваа реномирана колонија и да уживаат во богатството, разновидноста и креативноста на ликовна уметност.
Уметничката галерија „Амам“ беше прегрната од дела на познати и афирмирани уметници: Томe Даневски, Оливера Додиќ, Петар Чучулигов, Јоана Арсовска, Даниела Стефанова Ефремова, Силвија Јановска, Агнешка Казала, Ѓорге Иванов, Десислава Данeва- Деде, Мирослав Трендафиловски- Мики, Светислав Славковиќ- Кајзер, Боро Арсовски, Ѓорги Томовски, Наташа Радосавлевиќ, Наташа Дејановиќ Димитријевиќ, Стефан Калапашев, Виолета Сандева и Сречко Гунчев, чиешто творештво беше создадено за време на минатогодишната струмичка колонија.
Изложбата за отворена ја прогласија Мирјана Крстева Массетти, директорка на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, и Саша Јованов, директор на НУ Музеј- Гевгелија. Массетти во своето обраќање истакна дека Изложбата од 61. Меѓународна ликовна колонија, имено, од своите почетоци најстара во државата, не е само збирка на уметнички дела туку и вистински прозорец кон светот на инспирацијата и креативноста. Исто така, ја поздрави отвореноста за соработка помеѓу Домот на култура „Македонија“- Гевгелија, Центарот за култура „Антон Панов“- Струмица и НУ Музеј- Гевгелија, коишто преку заедничкиот ангажман создаваат значајни културни настани што ја збогатуваат локалната културна сцена и отвораат нови перспективи за развој на уметноста.
Гостувањето на изложбата во Гевгелија, во рамки на јулската програма за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, е јасен показател за развојот и значењето на градот како културен центар во регионот, каде што уметноста се негува и промовира. Оваа соработка меѓу ЈОУ Дом на култура „Македонија“, НУ Музеј и Центарот за култура „Антон Панов“ потврдува дека заедничките културни проекти носат вредност и нови можности за локалната заедница.
























