Локалните културни настани често знаат да понудат големи изненадувања и да го испишат својот печат во културната меморија на градот. На 29 декември 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија се потврди оваа вистина.
Премиерната изведба на „Печалбари“ покажа дека со посветени аматери и љубители на театарот, добра режија и институционална поддршка може да создаде претстава што плени со актерска игра, емоции и енергија, потврдувајќи ги живоста и креативниот потенцијал на гевгелиската културна сцена.
Поставката се реализираше во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и предизвика исклучителен интерес кај публиката, која ја исполни салата до последното место. На премиерната изведба присуствуваа бројни љубители на театарот, културни работници и претставници на институциите, а меѓу присутните беше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, што дополнително ја нагласи важноста на настанот и поддршката за локалното културно творештво.
Претставата, работена по драмскиот текст на Антон Панов, е во продукција на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, во соработка со Драмската група „Дон Кихот“. Делото ја обработува темата за печалбарството- вечната македонска приказна за заминувањето, жртвата и болката што ја носи разделбата со домот и најблиските. Преку силна драмска нарација и автентичен сценски јазик, публиката беше вовлечена во светот на ликовите кои се борат меѓу надежта за подобар живот и трагичната судбина на иселениците.
Режијата е на Катица Џишева Дупарова, која со јасна режисерска визија и прецизна сценска поставеност понуди современо и емотивно читање на класичниот текст. Со внимателна работа со актерите и динамично темпо, таа успеа да го оживее духот на делото и да го доближи до современиот гледач, без да се наруши неговата драмска суштина.
Особен белег на претставата ѝ дадоа вокалните изведби на народни песни, вградени директно во сценското дејство. Пеењето во живо, изведено од самите актери, значајно придонесе за емотивната длабочина и автентичноста на претставата.
Музичката обработка, потпишана од Влатко Сапламаев, овозможи песните да функционираат како природен дел од драмската целина, засилувајќи ја сценската атмосфера.
Колективната актерска игра беше еден од најсилните адути на претставата. Учествуваа: Каме Ќаев, Боркица Мурџева, Светлана Стојковиќ, Силвестер Проле, Ангелина Шуклева, Влатко Сапламаев, Мартин Костадинов, Костадин Узунов, Вероника Дојранлиева, Јована Дупарова, Розета Миовска, Катерина Јовановска, Илија Пандев, Матеј Велков, Душко Димитров и Никола Јанковски. Со усогласена и посветена игра, актерите ја понесоа драмската тежина и тематскиот набој на делото, создавајќи една целина во која секој лик доби своја јасна и препознатлива емоционална линија.
Сценографијата на Гордана Николовска Петрова, инспирирана од традиционалниот амбиент и симболиката на времето, создаде сценски простор кој ненаметливо ја надополнуваше драмската приказна и ѝ даде дополнителна визуелна длабочина на претставата.
На самиот крај, салата одекнуваше од долги и искрени овации. Публиката, видливо трогната од прикажаната приказна и силната изведба, ги поздрави актерите и целиот креативен тим со долг, стоечки аплауз, потврдувајќи дека „Печалбари“ остави силен впечаток и длабока емоционална трага.
Со оваа премиера, „Печалбари“ се вбројува меѓу позначајните културни настани во Гевгелија годинава и претставува пример како локалните културни институции и аматерски ансамбли можат да создадат квалитетна и содржајна театарска продукција, достојно заокружувајќи ја културната година со силна уметничка и општествена порака.



































