На 16 мај 2025 година, пролетниот обилен дожд не им дозволи на матурантите од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија да го одиграат матурскиот танц под ведро небо. Но, тоа не им ја спречи радоста- во спортската сала „26 Април“- Гевгелија, којашто се претвори во балска сцена, ја прикажаа кореографијата од „Квадрилот“, танцувајќи на музичката подлога од „Лилјакот“- оперета на Јохан Штраус.
178 матуранти со насмевки на лицата играа за одбележување на крајот на средното образование, а нивниот танц го проследија голем број роднини, пријатели, наставници. Пред настапот, на матурантите им се обрати директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Александар Делиџаков, во чијшто говор им посака многу среќа по заминувањето од средношколските клупи, со радост да ги остварат своите животни соништа, а патот до успехот да им биде полн со музика, љубов и пријателство.
Традиционалниот „Квадрил“ како симбол на збогувањето со едно поглавје од животот и поздрав до иднината што ги чека, беше дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.












