Вчеравечер (9 април 2025 година), трио „Мевлем“ и Марко Виденовиќ понудија незаборавна музичко-поетска вечер во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија. Изведбата на композиции специјално компонирани за овој проект во комбинација со поезија дефинитивно им дојде добредојдена на гевгеличани. Полната сала со публика не го криеше својот восхит од настапот на Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас) што го потврди со долготрајните аплаузи помеѓу композициите и на самата завршница.
Проектот „Мевлем“ е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.
Оваа музичко-поетска вечер беше во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, а е дел од настаните за манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“.




