Во Гевгелија, се одржа Меѓународниот настан “Women leadership and entrepreneurship – Женско лидерство и претприемништво“, посветен на женското претприемништво и прекуграничната економска соработка меѓу Македонија и Грција. Настанот, во организација на „Матрона Консалтинг“, се одржа во присуство на претставници од деловната заедница, институции, граѓански организации и асоцијации од двете земји и создаде можност за поврзување на жени лидери и претприемачи, како и за размена на искуства и идеи насочени кон јакнење на локалната и регионалната економија.
„Овој Меѓународен настан е доказ за посветеноста на локалната самоуправа кон поддршката на жените во бизнисот и јакнењето на економските капацитети. Жените од Гевгелија се двигатели на позитивни промени и развој“- истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Во рамките на настанот, градоначалникот Сарамандов оствари и средба со Н.Е. амбасадорката на Република Грција, г-ѓа Софија Филипиду.
„Со амбасадорката Филипиду развивме отворена и искрена соработка. Со нејзиниот интерес и чести посети, таа се покажа како вистински пријател на Гевгелија“- додаде градоначалникот Сарамандов.
Настанот обедини бројни македонски и грчки компании, организации и институции, подготвени за нови форми на соработка во духот на меѓусебна поддршка, економски раст и зајакнување на улогата на жените во претприемништвото.


















