Во работна посета на општина Гевгелија, беше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван со тим од Завод за музеј- Струмица, кој со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, извршија увид во тековните градежни активности за реставрацијата на Старата чаршија во Гевгелија. Проектот вреден повеќе од 40 милиони денари, поддржан од Владата на Република Македонија и Министерството за култура и туризам, опфаќа: изградба целосно нова подземна инфраструктура (нов водоснабдителен цевковод до секој од објектите, фекална и атмосферска канализација, како и подземни линии за електрично напојување), партерно поплочување со гранит, замена на столаријата на објектите, реставрација на фасадите со зачувување на нивниот автентичен изглед и поставување нова урбана опрема и современо осветлување.
– Се наоѓаме во Старата чаршија која е заштитено добро од 19 век. Вложени се над 40 милиони денари за нејзина целосна реконструкција. Со реализацијата на Проектот, Чаршијата ќе ја зачува својата автентичност и ќе стане современо културно-туристичко јадро, атрактивно за сите посетители- истакна Љутков во својата изјава при посетата на Старата чаршија во Гевгелија.
– Старата чаршија е историски споменик и обележје којашто во 2004 година како објект е прогласена за културно наследство. Како дел предизборната програма, во 2022 година започнавме со изработка на техничката документација и основен проект. По завршување на сите постапки за добивање дозволи за градење, пристапивме кон реализација на проектот. Градежните активности се одвиваат во фази. Во моментот, завршена е подземната инфраструктура и тампонирање на теренот. Во тек е замената на столаријата на објектите, а се редат и гранитните плочки за уредување на партерот. Верувам дека овој простор ќе биде вистинска гордост на Гевгелија, место кое ќе ги спојува луѓето, ќе ја чува традицијата и ќе остави траен белег за идните генерации- истакна градоначалникот Сарамандов.
Притоа, изрази благодарност до Владата на Република Македонија и Министерството за култура и туризам за дадената поддршка за реализација на проектот. Како и до сите кои учествуваа во изработката на проектот и оние кои се вклучени во неговата реализација.
Во рамки на посетата, министерот Љутков го посети и Археолошкиот локалитет „Вардарски Рид“.









