Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, најави дека во населеното место Миравци, во моментов се одвиваат интензивни градежни активности за реализација на три значајни инфраструктурни проекти. И тоа, изградба на нов урбан парк, ново спортско фудбалско игралиште и нов кошаркарски терен. Овие инвестиции се дел од заложбата на Општина Гевгелија за подобрување на квалитетот на животот и спортско-рекреативните услови за сите граѓани, особено во руралните населени места.
Паркот во Миравци ќе се простира на површина од 2.133 метри квадратни и ќе вклучува партерно уредени пешачки патеки, урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци), фонтана и соодветно осветлување на патеките. Паралелно со изградбата на паркот, се врши реконструкција и повторна изградба на фудбалското игралиште, со што ќе се создадат подобри услови за спорт и физичка активност на младите во Миравци. Дополнително, се гради и нов кошаркарски терен, кој ќе ја збогати спортската понуда во населеното место.
Со овие проекти, Општина Гевгелија потврдува дека дадените ветувања кон граѓаните остануваат централен приоритет во секојдневното работење на локалната самоуправа. Целта е секое населено место во Општина Гевгелија да биде вклучено во процесот на унапредување на условите за живот, рекреација и спорт, преку реални и видливи инвестиции во локалната инфраструктура.

















