Во просториите на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, на 25 септември 2025 година, се одржа литературно читање со кое свечено беше одбележано успешно завршената 3. работилница по креативно пишување, во рамки на културната манифестација „Гевгелија град на култура за 2025 година“. Настанот го отвори директорот на Библиотеката, Стефан Марковски, кој во своето обраќање порача дека развојот на креативниот израз и неговото соодветно насочување е главна цел на работилницата, посакувајќи задржување на интересот и во претстојниот период.
Во атмосфера исполнета со зборови, емоции и оригинални идеи, ученици од VII до IX одделение, како и средношколци од општина Гевгелија, ги презентираа своите авторски дела пред публика составена од наставници, родители и љубители на пишаниот збор.
Младите учесници ги прочитаа своите прозни творби, создадени за време на работилницата која се одвиваше во изминатите неколку недели. Темите беа разновидни- од лични размисли и емотивни доживувања- при што дојде до израз креативниот потенцијал и автентичниот стил на секој автор.
Марија Николова читаше од својот текст „Билетот без дестинација“, Ана Урумова се претстави со „Новата ера“, Александра Велкова со „Готвачот и неговите чудни рецепти“, а Стефан Милиќевиќ со расказот „Таен агент“. Јана Решкова ја претстави својата приказна „На Василица“, додека Тодор Атанасовски го прочита делото „Авантурата на Трајче“. Георгина Ризова настапи со „Возот што никогаш не застанува“, Ангела Алчинова со „Последниот чекор во молк“, а Кита Накова со „MTV во живо“. Алекс Насковски го прочита својот текст „Чудниот рецепт“, а Илина Саботкоска од Скопје се претстави со „Шепотот на шумата“.
Работилницата беше спроведена под менторство на професорките по македонски јазик и литература, Вања Манчева и Елизабета Инадеска-Ефремова, кои преку интерактивен и поддржувачки пристап успеаја да изградат инспиративна атмосфера во која учениците се чувствуваа слободни да творат, експериментираат и развиваат свои идеи. Креативните работилници за пишување се дел од поширокиот план на Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија за активно вклучување на младите во културниот живот на општината. Преку ваквите активности, Библиотеката не само што ја поттикнува писменоста и љубовта кон книгата туку има за цел и да создаде нови автори- млади луѓе кои ќе го продолжат литературното творештво во својата заедница.













