На 13 јуни 2025 година, публиката во Гевгелија уживаше во извонреден музички настан, дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Во пријатниот амбиент на хотел „Аполонија“ се одржа Концерт на дуото Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова Филипова (пијано), кој беше организиран од Здружението на граѓани „Музички моменти“- Гевгелија.
Двајцата уметници понудија репертоар со одбрани композиции за саксофон и пијано, во поголем дел создавани во текот на дваесеттиот век, во кои провејуваат стилски паралели на класичниот музички јазик и џез идиоми и делови со разновидни елегични и римички структури. Беа изведени: C. Bolling- “Le papillon“, Bernhard Heiden: “Sonata”, R. Molinelli: Dreamy Dawn –”Four pictures from New York“, P. Iturralde: “Memorias”, инспиративната суита „Зојкиниот стан“ оп.31 b за алт саксофон и пијано од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски пишувана според неговата музика за драмите Зојкиниот стан од М. Булгаков и Марка од В. Манчев, поставени во Драмскиот театар и композицијата за соло пијано, “Ever“ од Илија Пејовски, создадена како парафраза на македонската народна песна „Си заљубив едно моме“, збогатена со специфичниот хармонски јазик на џезот.
Соколов и Кабранова Филипова на сцената ја демонстрираа својата одлична музичка комуникација и искуство, создавајќи атмосфера на блискост со публиката и вистинска звучна магија. Концертот беше уште една потврда за богатството и разноликоста на музичката програма што ја нуди годинeшната манифестација посветена на културата во Гевгелија.

