На 18 ноември 2025 година, во Малата сала на Народниот театар во Гевгелија, се одржа концерт кој ќе остане долго запаметен како едно од многубројните културни случувања во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Камерниот состав „Консонанс“, пред повеќебројната публика, приреди уникатна гевгелискоградска културна вечер низ врвната мајсторија. Концертот беше осмислен под мотото „Магичен спој на светови“, што се покажа како совршено точен опис на вечерта. Настапот започна со дела од Стравински, при што делови од суитата „Пулчинела“ добија свежо, камерно прочитување.
Програмата продолжи со современи композиции на Дарко Илиевски, чија музика претставува уметнички мост меѓу македонската традиција и современите композициони техники. Адаптациите за проширениот состав на „Консонанс“ овозможија секоја тема да излезе со посебна боја, а звукот на хармониката, кларинетот, бас-кларинетот, флејтата и англискиот рог донесеа топлина и препознатлива македонска мелодиска линија. Овој дел од концертот ја истакна моќта на традицијата да се прероди во модерна, вибрантна форма која навистина допира до старите, но и нови генерации слушатели.
Во вториот дел од вечерта, Ансамблот ги изведе „Стојно ле, севдо ле“, „Магла“, „Фугато Б“, „Свита“ и „Мозаик“- дела со силен емоционален набој, кои ја споија народната музичка основа со современа камерна звучност. Публиката реагираше со силни овации, препознавајќи ја автентичноста и искреноста што музичарите ја внесеа во секоја композиција.
„Консонанс“, со речиси две децении активно делување, повторно ја докажа својата репутација како уникатен музички колектив кој постојано го развива својот уметнички јазик. Членовите на камерниот состав- реномирани музичари од Македонската филхармонија- кларинетистот Здравко Ангелов, Маја Чанаќевиќ на англиски рог, бас-кларинетистот Сашко Темелкоски, флејтистката Јана Каевска и акордонистот/композитор Дарко Илиевски пред публиката потврдија дека се врвни изведувачи со силно чувство за заедничко музичко дишење.
Со овој концерт, Гевгелија повторно се истакна како град кој вложува во културниот живот и создава простор за современи уметнички практики. Настанот го нагласи значењето на традицијата и нејзиното модерно претставување, а вечерта заврши во атмосфера исполнета со гордост, инспирација, благодарност и уметност со највисок квалитет.












