Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
ги посети сите училишта на подрачјето на општина Гевгелија, на првиот училиштен ден од почетокот на новата учебна година 2023/2024 година. Исто така, ги проследи културно-уметничките програми, во кои учествуваа учениците од погорните одделенија, а подготвени за прием на новите 229 првачиња. Традиционално, на сите првачиња им беа подарени ранци со училиштен прибор за успешен почеток во основното образование, обезбедени од Општина Гевгелија.
На сите просветни работници и ученици, градоначалникот Сарамандов им посака среќна учебна година и постигнување високи резултати.
– Училишното ѕвонче го означи почетокот на учебната година за 229 првачиња во Општина Гевгелија. Со прекрасни приредби подготвени од страна на наставниот кадар, а во изведба на повозрасните ученици, беа пречекани новите првачиња. Оваа година, го посетивме секое општинско основно училиште. Од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, „Климент Охридски“- Миравци, ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, па се до „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Изразувам благодарност до просветните работници за нивниот континуиран придонес, кои неуморно се грижат да ги изнесат на вистинскиот пат нашите идни генерации, истакна градоначалникот Сарамандов.
Од страна на училиштата, беа преземени повеќе активности за обезбедување на сите услови за непречен почеток на новата учебна година, како во набавка на инвентар и потребна опрема, така и во спроведувањето на мерките за заштита на учениците од заразни болести, за што беше извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација во сите матични и подрачни училишта.