Со поетско-музичката вечер „Пееме за Гевгелија“, која ќе се одржи на 4 ноември (вторник) со почеток во 19:00 часот, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, започнува културно-свеченото одбележување на Општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија.
Настанот, и како дел од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, е во организација на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Присутните ќе имаат можност да уживаат во мултимедијален настан- спој на поезија, музика и игра, кој ќе ги опфати и народното и современото творештво посветено на градот. Преку изборот на композиции и рецитации ќе се претстави богатството на македонската уметничка традиција. Во вечерта ќе учествуваат ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, членови на Драмската група „Дон Кихот“ и музички таленти, а програмата ќе биде збогатена и со претставување на Ансамблот „Бојмија“- Гевгелија. Преку своите интерпретации, сите ученици ќе ја изразат љубовта и гордоста кон родниот крај.
Настанот има за цел преку уметнички израз да ја истакне улогата на младите во градењето на културниот идентитет на Гевгелија како град на културата. Поетско-музичката вечер „Пееме за Гевгелија“ е првиот во низата културни и свечени настани што оваа година ќе се одржат по повод чествувањето на 7 Ноември.





