На 23 и 24 август 2025 година, месноста „Топлик“ кај Гевгелија оживеа со нова енергија и креативен дух преку првото издание на „Вир Фестивал“- дводневен настан што успеа да го претвори природното подножје на Кожуф во сцена за музика, уметност и искуство надвор од шаблоните. Во организација на ЗГ „Кемп Сајт“- Гевгелија, Фестивалот се реализираше како дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, поддржан од Општина Гевгелија.
Наместо класичен фестивал со разграничени зони, „Вир“ понуди терен отворен за движење, избор и вклучување. Програмата беше развиена низ два дена, со настапи на домашни и странски артисти, визуелни поставки, тематски активности и учество на уметници од различни дисциплини.
Музичкиот дел на фестивалот на 23 август ги вклучи диџеј сетовите на: Ragna, Софијанов, Лука, M.I.K, Разаљ Ветар, Јаков, Димитар, Thomas Numan, Mosaik Kollektif, Dejan Dex, Dout, Jaumod, Сашо Узуни Alex Acid.Следниот ден, на 24 август, настапија: Gianni Filipo, Stereophonic Space, Дина, Аки, Батка, Shabba, Vecinu, Михаил, Тадирова, Keyri, Bosko Balos, Rtikenc, Yell и Liou.
Покрај музиката, значаен дел од Фестивалот беше посветен на визуелната и современата уметност. Уметниците Даме Ѓуров, Ozbek Ajvaz, Krsto Gligorijadis, SEE- Art group и Андреј Миневски презентираа различни пристапи – од концептуални објекти до видео-проекции и инсталации во простор. Овие содржини не беа третирани како дополнителна програма, туку како рамноправен дел од фестивалската понуда, со цел да се создаде платформа за уметници кои работат надвор од комерцијалниот и традиционалниот формат.
„Вир Фестивал“ понуди модел што комбинира културен настан, алтернативна сцена и активен престој во природа- без потреба од наметнување. Тој создаде контекст во кој уметниците добија простор за изразување, а публиката- непосреден пристап до современи практики.
Со ова издание, Гевгелија доби нова точка на културната мапа, а „Вир“- потенцијал да прерасне во стабилна платформа за уметничка и музичка размена, втемелена во конкретност, јасна визија и работа на терен.











