Во Општина Гевгелија ќе се воспостави нова социјална услуга – Центар за дневен престој на лица со активно стареење. Оваа заединчка иницијатива на Општина Гевгелија и ОО Црвен крст- Гевгелија е резултат на одобрената апликација на третиот Јавен повик во рамки на Проектот за развој на социјални услуги, спроведуван од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Имено, во Клубот на пратеници, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и секретарот на ОО Црвен крст- Гевгелија, Лазар Мешков, го потпишаа Договорот за грант заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Во првата фаза од реализацијата на грантот ќе се спроведат активности за воспоставување на услугата, којашто вклучува адаптација, опремување на простор и подготвителни технички услови. Втората фаза го опфаќа давањето на услугата преку спроведување програма со активности за поддршка на активно стареење- едукативни, креативни, рекреативни и психо-социјални содржини, насочени кон унапредување на квалитетот на живот на постарите лица. Провајдер на услугата ќе биде ОО Црвен крст- Гевгелија.
– Со испорачувањето на услугата ќе им овозможиме на повозрасните сограѓани социјално зајакнување и подобрување на социјалните и културни стандарди на живот за активно стареење.Овој важен чекор претставува дел од нашите континуирани заложби за унапредување на социјалната заштита, креирање поквалитетни услови за живот на сите граѓани и градење солидарна заедница, со посебен фокус на најранливите категории- истакна градоначалникот Сарамандов по повод официјализирањето на Проектот.






