Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши теренски увид во тековните градежни работи за уредување на новото детско катче во Урбан блок 5- „Касарна“ во Гевгелија.Изведбата опфаќа поставување современи детски реквизити согласно највисоките безбедносни стандарди, нова урбана опрема, како и софистицирана тартан подлога која овозможува поголема заштита при игра. Со реализацијата на овој проект се создава современ и функционален простор наменет за игра, дружење и безбедно секојдневие на најмладите жители во овој дел од градот. Новото катче претставува уште една значајна инвестиција во подобрување на урбаното живеење и квалитетот на јавните простори.
Градоначалникот Сарамандов истакна дека вложувањата во овој дел од градот продолжуваат континуирано, нагласувајќи:
– Урбан блок 5 забрзано се развива и прераснува во современо и атрактивно место за живеење, спорт и рекреација. Изминатиот период беа направени повеќе вложувања во делот на патната и спортска инфраструктура, а во наредниот период ќе бидат засадени и нови садници на дрвја, со што просторот ќе добие уште повеќе зеленило и уреден изглед. Продолжуваме со уредување на јавните простори и вложување во содржини што го подобруваат квалитетот на живеење во Гевгелија.


















