Со самиот чин на осветување на камен-темелникот, во Гевгелија, симболично започна реализацијата на уште едно спомен-обележје посветено на Архангел Михаил , кое ќе претставува место на молитва, собирање и духовен мир за верниците и жителите на Гевгелија, сместено во новиот урбан парк, во близина на станбената населба „Караорман“. Осветувањето го изврши митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и свештенството од Повардарската и Гевгелиската епархија. Помеѓу големиот број верници, на осветувањето присуствуваа и: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков; функционери од локалната и законодавната власт; членови на Општинскиот совет и бројни гости.
По завршувањето на чинот на осветување на камен-темелникот, митрополитот Повардарски, г. Агатангел,се обрати пред присутните верници, истакнувајќи ја историската и духовната важност на овој настан за Гевгелија и за целата заедница. Тој го сподели следното:
– Вознемирен сум духовно денес, бидејќи желбата за изградба на нов црковен храм во Гевгелија, конечно, ми се оствари. Се вознесуваме сите заедно во овој прекрасен ден, затоа што по повеќе од 140 години, нашата генерација ја има таа чест да се обедини и да ги осветиме темелите на новото светило во овој убав град, Гевгелија. Верувам дека народот што живее во овој дел од градот ќе има потреба од духовно преобразување, затоа што црквата е духовно лечилиште за сите нас, за искупување на нашите гревови и спасение на нашите души.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов истакна дека проектот претставува реализација со цел создавање нови вредносни простори во Гевгелија, нагласувајќи дека параклисот ќе биде симбол на почит, континуитет и грижа за духовните потреби на граѓаните.
– Во 2023 година како градоначалник со задоволство ја прифатив иницијативата на Македонската православна црква за подигање на овој параклис во чест на Св. Архангел Михаил. Овој православен храм во новиот парк на булевар „Гевгелија“ ќе биде место кое ќе го збогати духовниот живот во Гевгелија, а истовремено ќе го промени и урбаниот лик на тој дел од градот. Да создаваме простори кои собираат, обединуваат и ги штитат правите вредности. Да придонесеме и за зајакнување на верата и духот на македонскиот народ. Со овој проект продолжуваме со реализација на ветувањата за уредување на нови содржини во Гевгелија. Параклисот не е само верски објект, туку симбол на почит, континуитет и грижа за духовните потреби на граѓаните- рече Сарамандов.
Ова спомен-обележје се реализира преку Програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја за периодот 2024 – 2025 година. Основниот проект за изградба на параклисот е изработен од градежната фирма „Слемепроект“ од Штип, чиј сопственик е архитектот и дипломиран инженер Благој Здравев. По повеќе децении, ова спомен-обележје претставува нов чекор во збогатувањето на верскиот живот на градот.









































