Врз основа на член 4 од Одлуката за одобрување субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети бр. 09-519/1 од 25.03.2026 година што ја донесе Советот на Општина Гевгелија, Општина Гевгелија го објави Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување велосипеди и електрични тротинети во 2026 година.
Со овој јавен повик, Општина Гевгелија ќе им надомести дел од трошоците на граѓаните кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет, во износ од 5.000 денари (со вклучен персонален данок на доход). Повикот започнува од 1 април 2026 година и ќе трае до исцрпување на предвидените буџетски средства, при што барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, според датумот и времето на пристигнување.
Право на учество имаат полнолетни жители на Општина Гевгелија кои имаат платен данок на имот за станбениот објект во кој живеат и во чие домаќинство нема друг член кој веќе поднел барање за ваква субвенција. Субвенцијата се однесува на велосипеди и електрични тротинети купени од 1 април 2026 година па натаму, сè до исцрпување на средствата.
Воедно, право на учество немаат вработените во општинската администрација, членовите на Советот на Општина Гевгелија, како и членовите на нивното потесно семејство. Исто така, лица кои веќе користеле ваков вид субвенција во претходните години не можат повторно да аплицираат.
Барањата со комплетна документација (кои можат да се подигнат од пултот или да се најдат на официјалната веб-страна на Општина Гевгелија), се доставуваат во просториите на Општина Гевгелија, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. Кон барањето потребно е да се приложи: копија од лична карта или патна исправа, копија од трансакциска сметка, изјава за согласност за користење лични податоци, потврда за платен данок на имот (издадена од Одделението за локални даноци и такси во Општина Гевгелија) и доказ за извршена набавка (фискална сметка или фактура) од трговец кој дејноста ја врши на подрачјето на Општина Гевгелија.
Постапката за доделување на субвенциите ќе ја спроведе Комисија формирана од Градоначалникот, а исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, согласно редоследот на пристигнатите и одобрени барања.
Општина Гевгелија ги повикува сите заинтересирани граѓани да ја искористат оваа можност и да придонесат кон унапредување на одржливата мобилност и заштитата на животната средина.
Линк: Јавен повик 2026 година


