Советот на Општина Гевгелија ја одржа 44. седница, на којашто расправаше по повеќе одлуки и решенија. Имено, на последната седница, Советот го разреши претходниот член во Комисиите за статут и прописи и урбанизам, комунални дејности и животна средина, Сашко Јанчев, а за нов член го именуваше Николчо Петров. Исто така, Советот го разреши Николчо Петров од член на Управен одбор во ЈОУ Работнички универзитет „Кирил и Методија“- Гевгелија, а ја именуваше Љубица Роксандиќ Тимова. Притоа, се прифатија и измените и дополнувањата на Одлуката за формирање Одбор за подигање спомен-обележје „Параклис посветен на Архангел Михаил“.
На 44. седница, се дискутираше и со мнозинство гласови се усвоија измените и дополнувањата на Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата од интерес на општина Гевгелија- за организирање на Фестивалот на храна и пијалоци „Вкуси го југот“- Гевгелија. Од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година се одобри финансиска поддршка за учество на ученикот Јован Оџаков од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија на 7. Меѓународна економска олимпијада во Хонг-Конг, во Кина. Од областа на урбанизмот беше донесена Одлука за определување широчина на крајбрежен појас на водотек канал „Рауљ“ што поминува низ опфатот на Блок 7.2 и 7.3 од измена и дополнување на ГУП на град Гевгелија.
Советот на Општина Гевгелија дискутираше и по определувањето нова цена/тарифа за општински линиски превоз, а исто така беше информиран и за состојбата со јавниот превоз на патници во општина Гевгелија. Се расправаше по Измените и дополнувањата на Годишниот план за вработување на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија за 2024 година и Годишниот план за вработување на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија за 2025 година.