На 7 мај 2025 година, во пријатната атмосфера во хотел „Аполонија“, се одржа солистичкиот концерт на младата и извонредно талентирана виолинистка Божана Гошева, во пијано-придружба на Весна Ангелова Христов. Пред гевгелиската публика, Гошева изведе програма составена од дела на некои од најзначајните светски и домашни композитори-Моцарт, Паганини, Бах, Сарасете, Виењавски и Зографски, носејќи ги присутните низ емоционално музичко патување.
Младата уметница, родена во 2006 година, веќе ја бележи својата кариера со настапи на бројни меѓународни и национални натпревари каде освојува први и специјални награди. Добитничка е на престижната награда од Фондацијата „Илија Николовски – Луј“ (2024) за врвни достигнувања, а нејзиниот музички развој го следат истакнати педагози како проф. Јелена Туфекчиевска, Анна Кондратенко и Румен Димитриев. Божана Гошева ги импресионираше љубителите на класична музика со нејзината исклучителна музикалност и зрелост.



