Во преполната сала на Народниот театар- Гевгелија, на 10 декември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, се одржа новогодишниот детски концерт на Ансамбл „Бојмија“ под наслов „Колоритот на орото“. Настанот, кој традиционално го означува празничниот дух во градот, и оваа година привлече многубројна публика- родители, роднини, љубители на фолклорот и поддржувачи на младите таленти.
Детските групи на Ансамблот приредија вистински празник на изворната музика и играта, претставувајќи богата палета од ора и кореографии инспирирани од локалната и македонската фолклорна традиција. Со препознатливата детска искреност и сценска енергија, младите играорци ја доловија магијата на народното творештво, претворајќи ја сцената во шаренолик мозаик од движења, костими и ритми. Публиката со громогласен аплауз ги награди малите изведувачи, кои, и покрај својата возраст, демонстрираа дисциплина, музикалност и посветеност што се препознава во континуитетот на работата на Ансамбл „Бојмија“.
Новогодишниот концерт беше особено значаен и затоа што се реализира како дел од годинешната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со што локалната фолклорна традиција уште еднаш доби заслужено место во културниот календар на градот. Настанот заврши во духот на празничната радост, а Ансамблот го најавува и вториот новогодишен концерт со настапи и на возрасната група како дел од програмските активности насочени кон промовирање на македонските народни игри и зачувување на културното наследство.


































