Во рамки на културната програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 2 октомври 2025 година, во Уметничката галерија „Амам“ беше отворена самостојната Изложба на сликарот Горан Боев со наслов „Од спомени до боја“. Настанот, кој привлече љубители на ликовната уметност, ја претвори галеријата во простор на тивка интроспекција, каде што боите и формите зборуваа за човечките чувства, траги и сеќавања.
Изложбата претставува нов циклус на дела во кои Боев длабоко навлегува во личната меморија и искуство. Публиката, односно секој гледач, имаше можност да го перцепира откровението што го носат делата на Боев- искрената преобразба на личното искуство во уметничка форма, неговата внатрешна борба и потрага по искреност, не како уметнички идеал, туку како човечка потреба. Во неговите композиции спомените стануваат бои, а чувствата добиваат форма. Преку тој процес, уметникот не само што создава слики, туку и сопствен визуелен јазик преку кој ја комуницира вистината за себе. Изложбата за отворена ја имаа честа да ја прогласат директорот на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Мирјана Крстева Массетти; директорот на Музеј Галерија- Кавадарци, Јаким Зимоски и директорот на НУ Музеј- Гевгелија, Саша Јованов.
Историчарот на уметност Трајче Цветков, говорејќи на отворањето, истакна дека делата на Боев се повеќе од естетска композиција, тие се „исповеди во боја“, во кои уметникот ја претвора личната емоција во универзално искуство достапно за секој гледач. „Секое негово платно е искрен приказ на внатрешниот свет на уметникот, отворен за публиката. Творештвото на Боев е творештво на самосвест и автентичност, во кое уметноста станува патување низ сопствената душа и начин на комуникација со љубителите на сликарството“- истакна историчарот на уметност, Трајче Цветков.
Изложбата „Од спомени до боја“ ја отвора интимата на уметникот пред јавноста, во неа се чувствува неговата ранливост, но и силата да се изрази без филтри. Со оваа изложба, Боев уште еднаш потврдува дека уметноста може да биде огледало на душата, но и патоказ кон она што не смееме да го заборавиме- нашите сопствени спомени, чувствата што нè обликуваат и боите што нè дефинираат. Боев не само што ја претстави својата уметничка зрелост, туку и придонесе кон збогатување на културниот мозаик на манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“.
Организатор на изложбата беше ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во соработка со Музеј Галерија- Кавадарци и Националната установа Музеј- Гевгелија.
Горан Боев, роден во Кавадарци во 1982 година, е сликар со богато искуство и професионален ангажман во областа на уметноста и образованието. Образованието го стекнал во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности, а своето творештво го надградувал и како професор и иконописец. Неговото дело е препознатливо по чувствителноста на колоритот и способноста да го претвори личното во универзално, интимното во општочовечко.










