Општина Гевгелија е вклучена во Проектот: „Младински парламент на Југоисточен Регион“ што го спроведува Здружението Граѓански креативен центар „Креа“- Радовиш во партнерство со ЦЕЛОР- Цнетар за локален развој од Радовиш. За таа цел, службеникот за млади во Општина Гевгелија, Петар Јанчев, оствари работна средба со претставници на проектниот тим за запознавање со активностите што имаат за цел да го зајакнат младинското организирање и активизмот во Југоисточниот Регион. Притоа, преку споделување на значајни податоци и информации од имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, беа утврдени следните чекори за спроведување на истражувањето за потребите на младите во Регионот и успешна реализација на активностите.
Младинскиот службеник ги повикува сите млади од општина Гевгелија на возраст од 15 до 29 години да го пополнат анкетниот прашалник, подготвен за истражување и анализа на состојбата на младите и нивното учество во процесот на донесување одлуки на локално и регионално ниво и достапен на следниот линк: Анкетен прашалник.
Проектот има за цел да создаде платформа и обуки за вмрежување и обединување младите од Југоисточниот регион и ќе им овозможи простор за глас, идеи и активизам. Како и зајакнување на комуникацијата помеѓу младите и локалните власти за спроведување на младинските иницијативи. Финансиран е од Европската Унија, а е поддржан од Граѓански ресурсен центар.