Општинскиот празник- 7 Ноември, Општина Гевгелија ќе го одбележи со богата програма. За прославата на 80-годишниот јубилеј од слободна Гевгелија, Општина Гевгелија во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија подготвија богата и разновидна програма. Седмоноемвриската програма ќе биде исполнета со осумдневни културно-уметнички и спортски настани.
Имено, чествувањето на 7 Ноември ќе започне на 4 ноември 2024 година, со Изложба и концерт на етнокореолошкиот сектор при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, коишто ќе се одржат во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.
На 5 ноември 2024 година, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во Народниот театар- Гевгелија ќе гостува ансамблот при НУКЦ „Трајко Прокопиев“- Куманово со театарската претстава „Како што сакате/ Ноќ спроти Водици“, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Претставата ќе започне во 20:00 часот.
Во Програмата за одбележување на Општинскиот празник, ќе учествува и Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија со одржување Годишна изложба во Уметничката галерија „Амам“. Организацијата е на НУ Музеј- Гевгелија, а отворањето на Изложбата ќе биде во 20:00 часот.
Следниот ден, на самиот празник (7 ноември 2024 година), ќе се полага цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија, во 11:00 часот. Пред платото на Народниот театар- Гевгелија, во 12:00 часот, следи традиционално училишно дефиле.
Свечената седница на Советот на Општина Гевгелија, на којашто ќе бидат доделени и Седмоноемвриските награди, е закажана за 19:00 часот, во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија.
Веднаш потоа, по повод празникот, премиерно ќе биде изведена балетската поставка „Исповед“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, а во продукција на Национална опера и балет. Кореограф е Саша Ефтимова.
На 8 ноември 2024 година, во Народниот театар- Гевгелија, гевгеличани ќе имаат можност да го проследат Концертот на Градскиот мешан хор „Гортинија“, почнувајќи во 19:00 часот.
Второто издание на инклузивната трка “Run together” заедно со детските трки од Атлетската трка “November run Gevgelija 2024 година“ ќе се одржи на 9 ноември 2024 година, пред платото „Сава Михајлов“. Инклузивната трка ќе започне од 13:30 часот, а по нив детските трки во повеќе категории, во времетраење од половина час.
На 10 ноември 2024 година, е атлетската трка “November run Gevgelija“, на 5 и 10 километри во женска и машка конкуренција, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија. Ќе започне од 09:00 часот, исто така, пред платото „Сава Михајлов“. Каде што во 10:30 часот ќе бидат прогласени победниците на 4. издание на трката „7 Ноември“.
Вечерта, на 10 ноември 2024 година, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, следува „Фолклорен ѓердан“- целовечерен концерт на домашни и странски фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва. Ќе започне од 20:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија.
Седмоноемвриското чествување ќе заврши на 11 ноември 2024 година, со Книжевен портрет на авторот на книги за деца, Горјан Петревски, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, којшто ќе се одржи во Народниот театар- Гевгелија, почнувајќи од 19:00 часот. Промотори на книжевниот настан ќе бидат проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Јованка Денкова.
Сите културно-уметнички настани се бесплатни.