Во уметничката галерија „Амам“, вчеравечер (29 мај 2025 година), во рамки на чествувањето на Св. Спас и програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, беше отворена традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија. За жал, годинешната изложба е посветена на Сотир Хаџи-Николов, чиј живот згасна пред нејзиното отворање. Со едноминутно молчење, неговите колеги од НУ Музеј- Гевгелија и членови на ДЛУГ му оддадоа последна почит, а за неговиот живот и дело зборуваше претседателот, м-р по вајарство Александар Јанев. Изложбата ја отвори директорот на НУ Музеј- Саша Јованов, а осврт кон поставката даде советник кустосот и историчар на уметност- вработениот Александар Каракабаков.
– Континуираната репрезентација на избраните годишни остварувања на уметниците од Друштвото ја резултира оваа потполно хетерогена експозиција, со обединувачки карактер виден во дефираната временска рамка и разновидноста на изложените ликовни остварувања како носечки концепт во еден вид резиме на актуелните тековни интереси и активности на гевгелиската ликовна сцена. И она на што наидува опсерваторот е импозантен преплет на- експресионистичка сила, импресиониран реализам, апстрактна поетика, симболика, игра со линијата и формата, лирска деликатност, надреалистичка, нестварна фантастика и концептуална интервенција- стилистички ориентации на уметничките идентитети вметнати во композиии со истенчен цртачки и колористички мултимедијален израз што одразуваат различности, но и хармнонично се надополнуваат- истакна Каракабаков.
Изложбата се состои од 20 дела на: Александар Јанев, Јордан Јанев- Дане, Дамјан Ѓуров, Елена Ѓурова, Михаил Петров, Гордана Петрова, Ана Петрова, Адриана Манчева, Атанас Крстов, Мирјана Крстева Массетти, Никола Бутров, Вангел Срнаков, Розета Картова, Сотир Хаџи-Николов, Анамарија Митриќеска Кал`чева, Иван Кал`чев, Перо Кованцалиев, Горан Јованов и Фиљо Танов.






