На 11 април 2025 година, во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија, беше отворена Самостојната изложба на Ана Митевска, „Приказни во тиркиз – Извор на животот“. Во присуство на гевгеличани и гости од други градови на Македонија, беа претставени делата на Митевска, за коишто самата рече:
– Тиркизната боја за мене не претставува само боја, таа е свежина, таа е длабочина, спокој. Таа е вода што тече низ времето и ја носи со себе меморијата на човечкото искуство. Преку овие слики, раскажувам приказни кои се тивки, но длабоки, како водата во амамот. Приказни топли, за женската нежност. Особено ми значи што изложбата е поставена во Амамот, еден вид сведок на минатото, место на прочистување и тишина. Верувам дека токму тука, под камените сводови, делата добиваат нова димензија. Огромна чест ми е што оваа изложба е дел од официјалното отворање на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“! Да ја славиме уметноста како извор на живот, како потреба и како заеднички јазик што нè поврзува“.
Пригодно обраќање имаше директорот на НУ Музеј- Гевгелија, Саша Јованов, а кртички осврт за творештвото на Митевска, Јасминка Намичева, автор на неформалната мрежа на музеи „МузеумЛинк“.
Поставката ќе биде изложена во Амамот, до 20 април 2025 година, секој работен ден, од 09:00 до 15:00 часот. Гостувањето на изложбата на Митевска во Гевгелија е резултат на соработката помеѓу НУ Музеј- Гевгелија и Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“- Скопје.




