Вчера (29 октомври 2025 година), во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија, Општинската изборна комисија- Гевгелија им ги додели Уверенијата за освоените мандати на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и на новоизбраните членови на Советот на Општина Гевгелија.
Доделувањето на уверенијата следеше по успешно завршените Локални избори 2025 година на подрачјето на Општина Гевгелија и по објавувањето на Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето во првиот круг за избор на членови на советите на општините, Советот на Град Скопје и градоначалници на општините и на Градот Скопје, одржани на 19 октомври 2025 година, усвоен од Државната изборна комисија.
На свеченоста, претседателот на ОИК- Гевгелија, Митко Ризов, им ги врачи уверенијата на избраните претставници.
Согласно резултатите потврдени од ДИК, Андон Сарамандов, во трката за втор мандат за градоначалник на општина Гевгелија, кандидиран од Коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“, предводена од ВМРО–ДПМНЕ, освои 6.289 гласа, односно 56,05% од вкупниот број гласови. Со тоа, уште во првиот круг беше потврдена волјата на граѓаните на Општина Гевгелија за продолжување на довербата кон досегашниот градоначалник.
– Ми претставува чест и огромно задоволство што oфицијално го примив уверението за градоначалник на општина Гевгелија во втор мандат. Уште еднаш Ви благодарам на сите што верувате во мене, мојот тим, програмата и планираните проекти, но пред сè во начинот на кој работиме, а преку кој докажавме дека можеме поинаку. Вашата поддршка и доверба е најголемото признание, но и најголемиот поттик да продолжиме уште подобро, уште посилно.
Голема благодарност до Општинската изборна комисија за професионално спроведениот изборен процес и до сите што беа дел од него. Во следниот период нè чека многу работа. Продолжуваме со истата енергија и одговорност, посветено да ја градиме Гевгелија како успешна, модерна и урбана заедница- истакна старо-новиот градоначалник на општина Гевгелија, Андон Сарамандов по добиеното Уверение, заблагодарувајќи им се на сите граѓани.
Меѓу останатите кандидати за градоначалник на Општина Гевгелија, Миле Атанасов од Коалицијата за локални избори 2025 предводена од СДСМ освои 2.227 гласа или 19,85%, Тони Аврамов од Левица- 1.698 гласа или 15,13%, Љупчо Бучков од Родина Македонија -161 глас или 1,43%, а Магдалена Каркалашева- 128 гласа или 1,14%.
На изборите за Совет на Општина Гевгелија, листата на ВМРО–ДПМНЕ, предводена од Димитар Вегов, освои 5.580 гласа или 49,73% од вкупниот број гласови. Со тоа, ВМРО–ДПМНЕ обезбеди мнозинство во новиот состав на Советот на Општина Гевгелија со вкупно 11 члена: Димитар Вегов, Анета Стамкова, Георги Петков, Зоран Димитров, Надица Ристовски, Игор Илков, Борче Стојков, Павлина Минова- Ичева, Елена Хаџи-Николова, Ѓорге Попов и Сара Маркова.
СДСМ, со листата предводена од д-р Александар Киров, освои 2.202 гласа или 19,63%, и ќе има четворица членови: Александар Киров, Каранфилка Алчинова, Цветан Нелоски и Елизабета Сивова. Од Левица, чија листа беше предводена од Николчо Петров, во Советот ќе членуваат двајца- Николчо Петров и Михаил Тодоров, со освоени 1.904 гласа или 9,75%. Движење ЗНАМ- За наша Македонија ќе има еден претставник- Борче Нечевски, кој како носител на листата освои 541 глас или 4,82%, а Македонска акција- МААК, исто така, ќе има еден член- Ристо Ѓоргиев, кој како носител на листата освои 651 глас или 5,80%.
Изборниот процес во Гевгелија се спроведе во 37 избирачки места без проблеми. Од вкупно 18.821 гласач запишани во Избирачкиот список, правото на глас го оствариле 11.220 гласача. Од вкупниот број употребени гласачки ливчиња- 10.425 се валидни, додека 795- неважечки. Излезеноста на Локалните избори 2025 година на подрачјето на општина Гевгелија изнесува 59,61 %.
































