По повод чествувањето на заштитникот на градот – Св. Спас, на 28 мај 2025 година, Гевгелија, на денот на панаѓурот, Општина Гевгелија ја прослави својата слава со културна вечер исполнета со танцова уметност и врвна џез-музика.
На Градскиот плоштад, вечерната програма започна со динамичен перформанс на Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија. Со поставени кореографии на урбана музика, младите танчери од сите возрасни групи ги претставија креативноста на современиот танц и магијата на уметничкиот ритам.
Веднаш по нив, сцената ја презедоа звуците на џезот. Во духот на празничната вечер и во чест на францускиот џипси-џез великан Џанго Рајнхарт, беше одржан концерт под наслов „Трибјут кон Џанго Рајнхарт“. Честа да го изведат овој музички омаж им припадна на четворица врвни џез-музичари: гевгеличанецот Филип Динев (гитара), Иван Иванов (кларинет), Оливер Јосифовски (контрабас) и Ристо Ивановски (гитара).
Во синергично споените звуци на гитара, кларинет и контрабас, посетителите уживаа во вечер исполнета со музика што го надминува времето и границите. Овој концерт беше вистинско културно збогатување на спасовденската програма во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.





















