На 15 јуни 2025 година, локалитетот „Динќут“ во Гевгелија беше претворен во вистинска оаза на дружење и културна разноликост. Под отворено небо и во пријатна природа, се одржа „Гевгелија на пикник“- рекреативно-забавен настан кој привлече голем број граѓани и љубители на музика и уметност. Во текот на денот, посетителите уживаа во електронските ритми и сетови на диџеите од Funky Fresh- Гоце Саф и Чваре, како и во сетовите на локалните диџеи Димитар, Софијанов, Јаков и Разал Ветаљ.
Програмата беше дополнително збогатена со уметнички перформанс во живо- уметницата Анамарија Митриќеска Кал`чева заедно со нејзините ученички создадоа мурал инспириран од природата и духот на заедништво. Овој мурал, чија негова изработка имаа можност да ја следат сите присутни- од првите линии до финалниот колорит, симболично ги поврза културната сцена и младешката енергија, оставајќи траен белег на „Динќут“ како простор на слобода, хармонија и креативност.
Гастрономската понуда беше овозможена преку штандовите на „Гироделика“ и „Џуми“, а за љубителите на локалниот активизам и занаетчиска креативност беа поставени штандови со рачни изработки и презентации на граѓански организации. „Гевгелија на пикник“ се покажа како место каде што различни генерации- млади и стари, семејства и пријатели можеа да се сретнат, да се забавуваат и да ги поддржат локалните таленти, но и да имаат ден исполнет со позитивна енергија, нови пријателства и инспирација.
Настанот беше дел од програмата за „Гевгелија град на култура за 2025 година“, а организатор беше Здружението на граѓани „АРТ УМ 023“.
Фотографиите се на Стефани Брламова и Димитар Мијов.



































