– Општина Гевгелија, во текот на 2023 година, настојуваше да ги подобри условите за урбано живеење на своите граѓани. За таа цел, беа реализирани и финиширани повеќе проекти од патната и комуналната инфраструктура на целото подрачје на Општина Гевгелија. Исто така, се залагав за решавање на повеќе барања и проблеми иницирани од самите граѓани, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, информирајќи ги членовите на Советот на Општина Гевгелија, на последната 40. седница, за својата работа во 2023 година.
– Условите за урбано живеење значително се подобрени со реализацијата на повеќе проекти во патната и комуналната инфраструктура, заштитата на животната средина, но и во подобрувањето на условите во образовните институции и социјалната заштита. Во текот на минатата година, изградени се нови, асфалтирани и бетонирани улици и краци, со павер-елементи се уредени тротоари на над 44.330 м². За обнова на локалната патна мрежа се издвоени 49,5 милиони денари сопствени средства.
Во завршна фаза е поставувањето на фекална, атмосферска и нова водоводна линија, за реализација на втората фаза од изградбата на улицата „Свети Климент“, односно Продолжувањето на Западниот булевар. Профункционираа новите водоснабдителни системи во Негорци, Прдејци и Богородица, а целосно се обновени младинските домови во Богородица и Моин. За намалување на трошоците за електрична енергија, во Јавното комунално претпријатие изградена е фотоволтаична централа на бунарското подрачје на водоснабдителниот систем во Мрзенска ада, со моќност од 300 киловати. Фотоволтаична централа е изградена и на Прочистителната станица во Гевгелија. Профункционира новото Прифатилиште за бездомни животни, а успешно тече процесот од Проектот за селектирање на комуналниот отпад. Изградени се и уредени нови детски игралишта во Негорци, Прдејци и Богородица, а целосно се рехабилитирани спортско-рекреативните центри во Гевгелија и во населените места. Дел од овие проекти се реализирани со финансиска поддршка од домашни и меѓународни грантови, но и со задолжително сопствено учество, што е доволна потврда за финансискиот капацитет на Општината. Секако, за мене најважно е искористувањето на сите фондови на финансирање, рече Сарамандов.
– Во изминатата година, како локална самоуправа, исто така, настојувавме да ја подобриме соработката и комуникацијата со граѓаните. Но, не само во нотирањето на нивните проблеми и барања туку и за нивно што побрзо решавање. Фактот дека Општина Гевгелија, заедно со Општина Велес, се прогласени за најтранспарентни локални самоуправи во државата, доволно зборува за отвореноста на Општината, подобрената комуникација со граѓаните и навременото задоволување на нивните потреби. За подобрување на социјалните услуги, реализирани се повеќе активности, а Општина Гевгелија е меѓу првите општини, којашто во партнерство со Црвениот крст во Гевгелија, започна со давањето на услуги на лицата со попреченост, од страна на сертифицираните 12 лични асистенти.
Општина Гевгелија, во изминатиов период, се афирмираше и како локална заедница, којашто посветува значително внимание за развој на туризмот, збогатување на културниот и спортскиот живот. За таа цел, беа организирани повеќе настани, како за афирмација на поднебјето со сите негови погодности, така и за задоволување на потребите на граѓаните, но и привлекување на странски туристи. Гевгелија се брендираше како град со интересни културни, спортски и значајни општествени настани, коишто значително придонесуваат за туристичкиот развој. Во изминатиот период покажавме дека можеме да се справиме со предизвиците и во соработка со граѓаните, и со наша целосна мотивираност и ангажираност да направиме Гевгелија забрзано да се развива како модерна општина, истакна во своето обраќање Градоначалникот.