Влезната улица во населеното место Моин е целосно реконструирана и пуштена во употреба, со што значително се подобрува пристапот и сообраќајната поврзаност во ова населено место. По повод завршувањето на градежните работи, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов изврши увид во реконструираната улица и се сретна со жителите на Моин.
Реконструкцијата е реализирана преку Проект во соработка со Министерството за транспорт, при што е извршена целосна обнова на влезната улица. Во рамки на зафатот беше отстранета старата бетонска подлога и извршено е асфалтирање на улицата и неколку улични краци, во вкупна должина од околу 550 метри и површина од 1.800 квадратни метри.
Согласно постоечката планска документација за населеното место, задржани се постоечките одводни канали, додека на повеќе позиции е извршена замена на старите подземни цевки со нови, со цел обезбедување поквалитетно и долготрајно решение за одведување на атмосферските води.
При посетата, Градоначалникот разговараше со жителите за идните инфраструктурни проекти во Моин. Во наредниот период се планира изградба на нов парк, како и дополнителни зафати кои ќе придонесат за подобрување на условите за живот во населеното место.
– Продолжуваме со инвестиции во сите населени места, рамномерниот развој ни е приоритет- истакна градоначалникот Сарамандов.



















