Јасмина Трајческа, со маестрална изведба на композиции од: Матичич, Бојовиќ, Сибелиус и Шопен, му даде душа на новото концертно пијано во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија. Во магична атмосфера, на 9 јуни 2025 година, целовечерниот концерт со нејзиниот настап беше вистинска симбиоза на техника и виртуозност. Оваа пијано вечер, којашто се одржа во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, уште еднаш ја потврди важноста на културните инвестиции и поддршката на врвните музички уметници. Концертот не само што го озвучи просторот со класична елеганција туку и го збогати ритамот на градот, а како благодарност за тоа публиката ја награди пијанистката со стоечки овации.
Јасмина Трајческа ги завршила додипломските и постдипломските студии на ФМУ Скопје, под менторство на проф. Валери Стефановски. Учествувала на мастеркласови кај познати професори, како М. Келер, К. Богино и В. Огарков. Добитничка е на бројни награди на Mеѓународни натпревари, меѓу кои: “Internatonal Piano Competition Giovani Talenti Rovere D’Oro“ (Италија), “Dino Ciani“ (Италија) и “Internatonal Competition Interfest“ (Македонија).Трајческа има повеќе од две децении активна концертна кариера, настапувајќи на рецитали и фестивали во: Словенија, Бугарија, Италија, Франција и други земји. Била гостин на фестивали како „Eurochestries“ во Франција, “Makarska Summer“ во Хрватска, и “Imago Sloveniae“ во Љубљана. Настапувала и на јубилејни концерти во Македонија, меѓу кои „Балканска рапсодија“ и „Словенски воз“. Трајческа работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ во Скопје.



