Домот на културата „Македонија“- Гевгелија својата дејност во 2025 година ја започнува со прикажување на филмот „На сè доаѓа крај“ на 29 јануари 2025 година, со почеток во 19:00 часот. Филмот е наменет за публика на возраст над 16 години. Влезот чини 150 денари. Влезниците се пуштени во продажба, а истите можат да се набават во Народниот театар, од 08:00 до 15:00 часот и вечерта пред почетокот на прикажувањето.
Станува збор за хрватски долгометражен филм, во режија на Рајко Грлиќ.
Синопсис: Макс Пинтер, успешен адвокат од Загреб, успева да ги отфрли обвиненијата против неговиот клиент за двојно убиство, богатиот и моќен бизнисмен Динко Хорват. На прославата, Макс е пијан и му кажува на Динко дека ладнокрвно ги убил работниците, кои што дошле да прашаат за своите плати. Соочувањето со еден од столбовите на општеството го прави Макс непожелна личност, тој го губи својот партнер и клиенти, а неговата сопруга го напушта. Со својата девојка од универзитетските денови, Нина, започнува мисија за одмазда. Од друга страна, никој во оваа приказна не е целосно невин и сите се тесно поврзани.
Улогите ги толкуваат: Jелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџепови и Петре Арсовски.