Мила Зајкова од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Нина Петкова од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Давид Самарџиев од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, Андреј Бучков од ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Ана Димитрова од ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија и Ивана Грујиќ од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија се шесте ученика кои, како најистакнати меѓу своите соученици, ја понесоа титулата „Првенец на генерација“ за учебната 2024/2025 година.
Ова престижно признание го стекнаа врз основа на одлуките на Наставничките совети при своите училишта, согласно јасно утврдени критериуми кои ги опфаќаат сите аспекти на нивното школување- од одличниот успех и примерно поведение, до активното учество во наставни и воннаставни активности, постигнатите резултати на општински, регионални и државни предметни натпревари, како и личниот ангажман и однесување што служи за пример.
Со тоа, овие ученици не само што го крунисаа своето досегашно школување со највисоко признание туку и испратија силна порака за важноста на трудот, знаењето и вредностите во образованието, како вистински амбасадори на младата, успешна генерација од општина Гевгелија.
Од страна на директорите на Училиштата, на првенците свечено им беа доделени признанија и симболични подароци, како знак на благодарност и поттик за понатамошен личен и академски развој. Од Општина Гевгелија, традиционално, ќе добијат парична награда во износ од 10.000 денари.





