Општина Гевгелија ги информира сите заинтересирани дека рокот за пријавување на Јавниот повик за работно ангажирање на 25 невработени лица за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување) е продолжен до 23 јули 2025 година (среда).
Јавниот повик се реализира согласно мерката 6.2 од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување на пазарот на трудот за 2025 година, усвоен од Владата на Република Македонија.
Работното ангажирање ќе се реализира во времетраење до најмногу пет месеци. За кандидатите кои ќе бидат избрани и работно ангажирани, е предвиден месечен надоместок во износ од 24.000 денари. Надоместокот вклучува и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест, како и данок на личен доход. Средствата се обезбедени од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – потсметка за активни програми и мерки.
Право на аплицирање имаат евидентирани невработени лица во Агенцијата за вработување, односно активни баратели на работа, кои ги исполнуваат следните услови: да имаат општа здравствена и психофизичка способност и да се на возраст до 55 години.
Пријавувањето се врши во Центарот за вработување Гевгелија, секој работен ден од 08:00 до 15:00 часот, заклучно со 23 јули 2025 година.
Потребни документи за аплицирање се:
– пријава за учество (се пополнува во Центарот за вработување Гевгелија);
– потврда од матичен лекар за општа здравствена состојба и психофизичка способност на лицето, со потврда дека лицето не боледува од кардиоваскуларни, белодробни заболувања, епилепсија и дијабетес;
– изјава за согласност за учество (се пополнува во Центарот за вработување Гевгелија).
Дополнителни информации се достапни на веб-страницата на Општина Гевгелија, на следниов линк: Јавен повик