М-р Киро Ристов на жителите на Смоквица им подари уште едно вистинско, колективно богатство- книгата „Поменик со личните имиња на населението од Смоквица“, значаен документ што ја оживува културната меморија на едно место и неговите луѓе. Промоцијата на ова дело се одржа на 30 октомври во хотел „Аполонија“ во Гевгелија, во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, со поддршка од Општина Гевгелија.
Настанот го отвори директорот на Библиотеката, м-р Стефан Марковски, кој истакна дека иако по своите непосредни карактеристики ова дело припаѓа во доменот на роднокрајната литература, содржински делото се одразува и врз македонската културологија, историска лингвистика и лингвокултурологија.
Промотор на книгата беше македонскиот истражувач и универзитетски професор, проф. д-р Илија Велев, кој меѓу другото за книгата истакна дека „овие прегледни истражувања им овозможуваат на идните ономастичари појасен преглед за тоа кои биле најчестите имиња, додека истовремено на самото население од Смоквица му овозможува одржување на традицијата преку одржување во живот на самите имиња“. Според Велев, станува збор за научна книга, но и интимно доживеано издание, бидејќи личните имиња се трајни чувари на македонската културна меморија, процес во кој авторот Ристов преку ова дело и самиот е вклучен, вклучувајќи две книги со евиденција на имињата на починатите, една на свештеникот Христо Бундов од 1893 г. (составувач и на првата книга со смоквички имиња), а потоа и онаа на свештеникот Ристо Стојанов (1903–1912), кој пишувајќи со грчко и словенско ракописно писмо се надоврзал на делото на Бундов. Заради грчкото фанариотско влијание, грчкото ракописно писмо било присутно, особено во првата од овие две книги. Во периодот од 1915 до 1932 г. пак, Христо Трајков пишувал именик со црковнословенско писмо. Методолошки успешното истражување се заокружува со ономастикон со табеларно запишани, транскрибирани имиња. Анотирани се и застапените имиња од првата и втората книга, како и тоа колку пати едно име се среќава запишано во секоја од овие книги.
Авторот м-р Киро Ристов наведе дека една фотографија од 1909 г. со неговиот дедо и други членови на семејството го инспирирала да се занимава со родословијата и упати благодарност до сите кои го овозможиле изданието, до соработниците во процесот на превод и транскрипција, до организаторот, како и учесниците во промоцијата.
Промоцијата беше збогатена со настап на Теодора Гошева- Теда, а на настанот присуствуваа бројни љубители на културата, истражувачи и граѓани. Делото претставува редок спој на научна анализа и емотивна меморија- архив што го чува духот на едно село низ вековите. Преку оваа книга, Ристов не само што ја документира историјата, туку и ја претвора во живо сведоштво за опстојувањето на традицијата и идентитетот. Со овoj подвиг, Ристов уште еднаш го потврди своето залагање за Смоквица- активно придонесува во афирмацијата и зачувувањето на локалната и националната културна меморија, во духот на мисијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Киро Ристов (1957) е археолог, истражувач и културолог од Гевгелија, кој целата своја кариера ја посветил на проучување и заштита на културното наследство. Основно и средно образование завршил во Гевгелија, а Археологија дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1982 година. Работел во повеќе институции – РО „Хемтекс“, Радио Гевгелија, Народен музеј во Гевгелија и Музеј на град Скопје, каде бил и директор (1989 – 1993). Од 2004 година е магистер по археологија. Реализирал и учествувал во повеќе од седумдесет археолошки проекти и истражувања низ Македонија, особено во Гевгелискиот и Валандовскиот Регион. Бил ангажиран на бројни проекти како стручeн консултант и раководител на истражувања, меѓу кои и на локалитетите Тауерсиум, Скопска тврдина Кале, Антички градови на Вардар, Маркови Кули, Варвара и други. Автор е на седум монографски изданија и над триесет научни и стручни трудови објавени во земјата и странство. Неговите најпознати дела се: „Утврдени пеонски населби до Долно Повардарје“, „Таор“, „Железното време во римскиот период“, „Варвара“ и „Смоквица- населба, население, генеалогија“. Ристов активно учествува на научни собири и симпозиуми, промовирајќи го културното наследство на Република Македонија. За својот придонес во археологијата и културата е добитник на повеќе признанија и благодарници.
























