На 3 ноември 2025 година, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, се одржа промоција на „Одблесоци на сонот“, збирка што ги обединува наградените книжевни творби од ученици во гевгелиските основните и средното училиште, како и дела создадени во рамки на Работилниците за креативно пишување, реализирани во периодот од 2022 до 2024 година.
Во збирката се застапени вкупно 36 книжевни творби од 30 ученика, од кои 8 се наградени есеи и 8 наградени раскази на Литературниот конкурс по повод „Месец на книгата“, што традиционално го распишува ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. Дополнително, во изданието се вклучени и 20 раскази создадени на 1. и 2. Работилница за креативно пишување за учениците од основните и средното училиште во Гевгелија, водени од професорките по македонски јазик и литература, Елизабета Инадеска- Ефремова и Вања Манчева.
Автори застапени во збирката се: Ирина Прошева, Виолета Чугунцалиева, Весна Папучиева, Ѓорги Новаковски, Ангела Сачанова, Тијана Атанасова, Бранко Проданов, Ирина Алчинова, Марија Јанчева, Сани Петкова, Костадин Узунов, Александра Полизоева, Ристе Аврамчев, Ана Урумова, Стефан Милиќевиќ, Грегор Јанчев, Георгина Ризова, Софија Сарамандова, Мирјана Тодорова, Антонија Крстова, Марија Николова, Јована Ѓореска, Бојана Басова, Анастасија Атанасова, Викторија Јованова, Костадин Узунов, Магдалена Стамкова, Ана Димитрова, Јована Дупарова и Мила Зајкова.
Конкурсот и работилниците се реализирани во соработка со наставниците од сите основни училишта и професорите од средното училиште, со цел да се поттикне љубовта кон пишувањето, книжевното изразување и развивањето на младинската креативност.
На промоцијата се обратија директорот на Библиотеката, Стефан Марковски, како и наставничките Елизабета Инадеска- Ефремова од ООУ „Владо Кантарџиев“ и м-р по психолошки науки Мери Олумчева од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Тие ја истакнаа важноста на континуираната поддршка на младите автори и на создавањето простор каде учениците можат слободно да ја изразат својата имагинација. Искреноста, младешкиот жар и љубовта кон пишаниот збор беа истакнати со ученичките интерпретации- читање извадоци од своите творби.
Промоцијата ја модерираа Костадин Узунов и Јована Дупарова, ученици и членови на Драмската секција за деца и младинци при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, кои со својата природност и сценска енергија придонесоа за пријатна атмосфера на настанот.
Со издавањето на оваа збирка, се збогатува современата роднокрајна литература и се создава нов простор за афирмација на млади автори кои преку своите творби го преточуваат духот, мислата и чувствата на новата генерација гевгелиски творци.
Збирката „Одблесоци на сонот“ е во издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. Проектот е реализиран во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со што уште еднаш се потврдува дека младинската креативност претставува суштински дел од културниот живот и иднината на градот.


































			
		    


